Само инфлацијата ја ограничува способноста на владите да трошат
Државата е најважна од сите институционални иновации. Таа е совршен гарант за безбедноста. Нејзината сила сепак ја прави застрашувачка, поради тоа што понекогаш луѓето се преправаат дека таа е послаба отколку што всушност навистина е.
Во една област на економијата ова е особено точно – парите. Парите се производ на државата. Тие се моќна алатка, но со нив може да има злоупотреби, пишува Мартин Улф за Financial Times.
Прво, даноците се наплаќаат во пари. Оваа доктрина се нарекува чартеризам. Владите можат да ги принудат своите поданици да ги користат парите кои државата ќе ги издаде, бидејќи само преку нив луѓето можат да платат даноци.
Државните пари на овој начин се претвораат во пари за внатрешни трансакции. Банките зависат од централната банка како заемодавач во крајна инстанца.
Обврските на банките – доминантната форма на пари во денешната економија – се несовршени супститути на суверените пари, бидејќи банките можат да западнат во неликвидност или несолвентност. Поради оваа причина, банкарските кризи се чести.
Второ, спротивно на вообичаената логика, не постои механичка врска меѓу обврските на централната банка (односно резервите на банките) и создавање на пари од комерцијалните банки.
По финансиската криза билансот на централните банки и банкарските резерви пораснаа многу – до плафон, но широките парични агрегати – не. Објаснувањето е дека пресуден фактор за паричната експанзија е профитабилноста на кредитирањето, која е висока кај економски подем и ниска при пад.
Трето, не е потребно владите да запаѓаат во неликвидност во сопствената валута. Тие не треба да ги креваат даноците или да се позајмуваат за да ги исплатат достасаните обврски – едноставно можат да создаваат пари, кои се потребни за да се усплати долгот. Ова го олеснува одржувањето на дефицитите за да обезбеди целосна вработеност.
Четврто, само инфлацијата ја ограничува способноста на владите да трошат. Но ако се појави инфлација, владата може да ја заостри агрегатната побарувачка преку кревање на даноците.
Конечно, владите нема потреба да издаваат обврзници, за да се финансираат. Причината што државите земаат кредити е да се управува со побарувачката, но таа може да се регулира и преку промена на каматата или резервите на банките. Оваа анализа е за политиката – владите секогаш можат да почнат да трошат за поддршка на побарувачката.
Уште еднаш, проширувањето на билансот на централните банки не ја прави инфлацијата веројатна, а камоли неизбежна.
Некои приврзаници на модерната монетарна теорија тврдат дека силата да создава пари треба да биде користена од државата за универзална гаранција за работните места или за финансиски програми како Зелениот курс на демократите во САД. Овие идеи, сепак, не следат од нивната анализа. Ова се само упатства за она што државата може да го потроши и воедно да го создаде.