Повисоката каматна стапка што ја дава државата за купување на граѓанска и зелена обврзница, предизвика голем интерес за нивно купување. Државата иако планираше кај граѓаните да се задолжи со 10 милиони евра, се задолжи со 23 милиони евра.
Граѓанска двегодишна обврзница купиле 1.283 граѓани, што е во просек 110 обврзници по купувач, или нешто над 160 евра. Тоа значи дека за купена само една граѓанска обврзница од 10.000 денари, со камата од 5% годишно, за две години на сметката ќе имате плус 1.000 денари или вкупно 11.000 денари, што е многу повеќе ако истите пари ги орочите во некоја од банките каде што каматните стапки на орочени денарски депозити на 24 месеци се движат од 2,3 до 3,7 проценти, или во пари тоа е камата меѓу 460 и 740 денари.
– Аукцијата за првиот дел од граѓанската обврзница се одржа во јули, а месецов се очекува и втората емисија – велат од Министерството за финансии.
Интересот за зелената обврзница, пак, која беше издадена на почеток на месецов, е трипати поголем од планираните 10 милиони евра. За ова обврзница се интересирале банки, финансиски институции, но и граѓани. Каматата за оваа обврзница е нешто помала од каматата за граѓанската и изнесува 4,75%. И за оваа обврзница минимумот е една од 10 илјади денари, а за максимумот нема лимит.
– Државна обврзница не може да пропадне. Ако на орочен депозит на две години добиваш камата да кажеме два отсто максимум, сега треба да чекаш две години за да го наплатиш. Овде можеш на Берза ако ти затреба да одиш да ги продадеш или во банка пак да ги продадеш. Плус кај граѓаните се зголемува свеста дека и сега во време на висока инфлација стануваат сè посвесни дека парите што им стојат дома губат вредност – потенцира министерот за финансии, Фатмир Бесими.