Државата не предвидела како ќе го контролира враќањето на доделените средства за финансиска поддршка на работодавачите и физичките лица за време на пандемијата, а тоа што институциите немаат целосни податоци колку пари досега се вратени во буџетот ќе резултати со намалени приходи од 23 милиони евра во државниот буџет, откри ревизијата за Државниот завод за ревизија.
Според анализата на ревизијата работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање, што има за ефект помалку вратени средства во Буџетот во износ од 16 милиони евра.
Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни
лица од одделни дејности ревизорот смета дека постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во буџетот во износ од седум милиони евра.
„ Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра“, се вели ревизорскиот извештај.
ДЗР изврши ревизија на преземените мерки и политички за поддршка на вработувањата и професиите погодени од економската криза предизвикана од Ковид-19, а извештајот дава одговори дали мерките биле ефикасни креирани, реализирани и контролирани од институциите.
„ Со ревизијата го опфативме планирањето и реализацијата на шесте пакети економски мерки донесени од Владата на РСМ во 2020 и 2021 година во делот на мерките за финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, финансиска поддршка за физички лица кои вршат самостојна дејност, паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза – поддршка за спортистите, самостојните уметници и културни работници. Со оваа ревизија на успешност опфативме 36% од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П – Мерки за справување со Ковид-19
кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои се реализирани 11.512.447 илјади денари“, велат од Државниот завод за ревизија.
Нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле или не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во буџетот.
Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на
професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени или исплатени средства на корисниците кои се презентираат од различни
надлежни институции.
„ По спроведената реализација на мерките за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, УЈП има утврдено дека одреден број на работодавачи – корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените. Бројот на работодавачи кои не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари, што има за ефект ненаменско располагање со доделената финансиска поддршка. Ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53% од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дел од работодавачите да искористиле средства од финансиска поддршка без исполнување на предвидени услови со уредбите и законите“, открива извештајот.
Орце Костов