Македонски телеком ќе подели дивиденда од 35,9 милиони евра на над 3.300 акционери домашни и физички лица. Според информацијата споделена од компанијата на Македонската берза, вкупниот бруто- износ определен за дивиденда е 2.212.067.762 денари (35,97 милиони евра) или секој акционер со право на дивиденда ќе добие по 25,65 денари за акција бруто (со сите даноци).

Право на дивиденда имаат сите акционери што се евидентирани во книгата на акционери на Македонски телеком на 12.7.2024 година.

– Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2023 година е 10.7.2024 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда за 2023 година е 11.7.2024 година. Исплатата на дивидендата ќе почне на 26.9.2024 година – се наведува во соопштението.

Според процентот што го поседуваат во акции, фирмата „Камени мост комуникации“ на Дојче телеком ќе земе најмногу дивиденда затоа што поседува 55 % од акциите, што е над 19,8 милиони евра во бруто-износ. На македонската држава, како втор по големина акционер, ќе ѝ припаднат над 12,6 милиони евра бруто. На другите помали акционери им останува за распределба бруто-износ од 720 илјади евра.