Илустрација, Ископ (каменолом) на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа

Само 45 милиони евра наплатила државата од концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини од 348 концесии доделени на 257 концесионери во период од 2018 до 2022 година, покажуваат податоците од последниот ревизорски извештај.

Концесионерите доцнат со уплата на надоместоците, а дел од нив самоиницијативно ги прошириле границите на концесиските површини, утврдиле ревизорите.

Во однос на експлоатацијата на мермерот кој е во фокус на извештајот, ревизорите утврдиле дека државата од надоместок на концесија добила само 1,7 милиони евра од 29 концесионери на мермер. Тоа е само еден отсто од приходите кои ги остварува концесионерот со продажба на минералната суровина.

„Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248.000 денари или 1,7 милиони евра за периодот од 2018 до 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот“, заклучува ревизорот.

Во ревизорскиот извештај „Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“ е наведено дека со утврдениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатација на минералните суровини не ги одразува реалните продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите..

Ревизорите утврдиле дека 2 концесии за ископ на минерални суровини експлоатирале надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 квадратни метри.

„Тоа создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле“, наведуваат ревизорите.

Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле и дека на национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година, додека законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.

„Базите на податоци на Министерството за економија и катастарот на
минерални суровини што го води Геолошки завод не обезбедуваат јасен и
целосен преглед на состојбите со минералните суровини врз основа на кој
ќе се вршат анализи со цел водење активна политика во однос на
оптималното искористување на минералните суровини“, се вели во извештајот.

Со последната одлука на Собранието со која се одобрува реорганизација на Владата, е предвидено укинвање на Геолошкиот завод како засебно самостојно тело, кое веројатно ќе се интегрира во ново Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, сектори кои досега беа под надлежност на Министерството за економија.