Со рекордно ниво на капитални инвестиции од 400 милиони евра и најголем приход од патарини досега – 62 милиони евра, што е 100 отсто зголемување во однос од пред три години, Јавното претпријатие за државни патишта ја завршува 2023 година. Директорот Ејуп Рустеми во отчет за сработеното и за плановите во наредната година, соопшти дека годината е успешна и по тоа што е почнат проектот за изградба на 110 километри автопатишта од коридорите 8 и 10-д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“, кој, според планот, треба да биде завршен за четири години и седум месеци.
Проектите на ова ЈП се одвиваат во повеќе години, така што од 2021 до 2023 година се завршени и се во фаза на реализација околу 900 километри патна мрежа.
– Од нив, во овој период се изградени, реконструирани и рехабилитирани државни патишта во должина од 630 километри. Во моментов имаме уште 160 км автопатишта што се во тек на изградба, 51 км експресни патишта и изградба и рехабилитација на 65 километри регионални патишта со инвестициска вредност од над две милијарди евра. Сите овие завршени проекти и проекти во тек говорат дека оваа година не застанавме и токму затоа можеме со гордост да известиме дека имаме уште еден рекорд – инвестиции што достигнаа 400 милиони евра – рече Рустеми.
За 2024 година, покрај тековните активности, кои ќе продолжат и в година, предвидена е и изградба на нови патни правци со проценета вредност во висина од 367 милиони евра.
– За годината што доаѓа сме, исто така, со амбициозни планови и проекции. Заедно со моите вработени, на кои сум им благодарен што посветено работат на проектите, спремни сме за нови рекордни бројки. Градиме за идните генерации, градиме за иднината на нашата држава, градиме за да се поврземе со светот! – рече Рустеми.