Додека сведочиме на бројни и постојани политички тензии меѓу земјите од поранешна Југославија, економијата го покажува токму спротивното- поврзувањето е нужно. Бизнисот страда поради политичките елити.

Државите кои произлегоа на просторите на поранешна Југославија се упатени на меѓусебна соработка во економијата од која корист можат да имаат сите, без исклучок, велат стопанственици и експерти од регионот.
„Долги години бевме еден пазар, немаме јазични бариери, имаме исти навики во потрошувачката, многу сличен менталитет“, вели еден од најуспешните босански стопанственици Мирко Грбешиќ. Тој е уверен дека зближувањето на пазарите е интерес на сите стопанственици во регионот и смета дека државите треба да работат на тоа.
„Државите треба да бараат логичен пат за подобра меѓусебна соработка, не со создавање на вакви или онакви емоции или нужно политички да се зближуваат, туку да се создаде долгорочна здрава претпоставка за економска соработка“, вели Грбешиќ.

Себичноста на кругови во ЕУ
Експертите ги потврдуваат ваквите проценки. Сараевскиот професор по економија Вјекослав Домљан вели дека државите од поранешна Југославија се свртени едни кон други поради близината, заедничкото минато и практично исти валути:
„Имаат евро или валутите им се врзани за евро, па речиси да имаат и монетарна унија и сличен јужнословенски јазик“, вели Домљан. Својата критика Домљан ја насочува кон домашните лидери, но и кон ЕУ. Тој смета дека економската интеграција започната во рамките на ЦЕФТА, требала да продолжи со финансиска интеграција, на пример со формирање на регионална развојна банка според моделот на Нордиската инвестициска банка.

„Но, себичноста и дволичноста на одредени, но многу влијателни кругови во ЕУ, кои ги гледаме и на неодамнешниот пример на Албанија и Северна Македонија, со нивната опседнатост со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, односно со држење на паричникот во сопствениот џеб и спречувањето на другите да имаат макар и мал паричник, блокираше една многу корисна идеја“, вели Домљан. Експертот вели дека на регионот му се потребни наднационални субрегионални институции, но пречки се непросветените регионални и себичните ЕУ лидери.

Скарани колонии
Како паралела ја наведува Чешка која економски била далеку под нивото на поранешна Југославија, но денес дотурка до 73% од развиеноста на Германија, а приходот и е поголем од приходите на сите земји од југосферата за 15%.
Економскиот аналитичар Саша Ѓоговиќ од Институтот за пазарни истражувања од Белград вели дека следниот чекор треба да биде заеднички економски настап на трети пазари.
„Особено на подрачјето на градежништвото, енергетиката, но и воената индустрија, во дефинирањето на единствени туристички производи, а многу е важно да се работи и на рехабилитација на сообраќајната инфраструктура и изградба на современи патишта и железници за да се обезбеди побрз и поевтин транспорт на стоки и доаѓање на туристи“, вели Ѓоговиќ.
Белградскиот аналитичар смета дека општествата треба да се ослободат од ограничувањата кои им ги наметнуваат политичките корумпирани елити.
„Се додека општите интереси остануваат маргинализирани, ќе останеме заложници на своите врхушки и ќе се брендираме како меѓусебно раскарани колонии. Економската соработка во правец на царинска унија и поцврста културна, спортска и научна соработка се предуслови за фокусирање на целиот регион кон иднината и фаќање чекор со светот“, вели Ѓоговиќ.

 

 

Извор:  DW