Буџет од 2.500.000 денари имаат на располагање деловните субјекти од преработувачката индустрија за зголемување на нивната конкурентност, во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година на Министерството за економија.

Денеска е објавен јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за развој на деловен субјект, за развој на производ и развој на пазар, во висина од 75 проценти од докажаните трошоци на барателот, но не повеќе од 180.000 денари поединечно за секој барател. Активностите што ќе бидат предмет на поддршка се изработка на техничка документација за нов производ, односно за подобрување на постојниот производ и/или изработка на индустриски дизајн /редизајн на производ; изработка на идејно решение и/или печатење на: нова амбалажа, етикетирање, лого на производ и промотивни печатени материјали; изработка на студии за истражување на пазарот и/или маркетинг стратегија и/или активности за развој на бренд; изработка на проекти за енергетска ефикасност и/или воведување стандард за енергетски менаџмент ISO 50001; набавка на специфичен софтвер од значење за унапредување на деловните активности на претпријатието; кофинанансирање на дел од трошоци за обезбедување  сертификат за сообразност на производ; изработка на техничка–проектна документација или студија за техничка изводливост за: планирани инвестициони проекти, подготовка на претпријатието за зголемување на енергетска ефикасност, воспоставување внатрешен систем за управување со отпад и систем за заштита на живостна средина.

Притоа, право на учество на јавниот повик имаат деловните субјекти за вршење  производствени дејности во рамки на секторот Преработувачка индустрија, согласно со Национална класификација на дејности рев 2 („Службен весник на Република Македонија“, бр.147/2008 и 4/2013), со главна приходна шифра во секторот Преработувачка индустрија, без оглед на големината на деловниот субјект. Еден барател може да поднесе пријава и барање само за една активност, но корисник на субвенција не може да биде деловен субјект кој добил државна помош за иста активност во претходните 2 години.

Одобрените барања ќе бидат исплатени на барателите во зависност од расположивите средства од буџетот, по редоследот на нивното пријавување во архивата на Министерствтото за економија („прв дојден прв услужен“), сѐ до исцрпување на расположивите средства од буџетот за 2018 година. Крајниот рок за доставување на барањата е 31 август 2018 година. За барањата со некомплетна документација, како датум на поднесување на барањето ќе се смета датумот на последното дополнување на барањето, односно датумот кога барањето за субвенционирање ќе биде целосно комплетирано.

 

Потребните документи за пријавување можат да се подигнат од архивата или од веб-страницата на Министерството за економија .