Од огромна буџетска дупка и долгови до консолидирани финансии. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена. Таа вели дека наследила заостанати обврски и неисплатени плати во Национални Шуми, Водостопанство, Железници и други претпријатија. И покрај предизвиците, новата Влада успеала да најде пари за покачување на палтите и пензиите, исплата на заостанати субвенции, студентски субвенции и додатоци.
Министерката неделава го потпиша кредитот од Унгарија земен под поволни услови, со грејс период од 3 години, 12 години рок на отплата и минимални трошоци. Димитриеска Кочоска вели дека парите треба да легнат во најбрз можен рок, 250 милиони евра да бидат достапни за бизнисот до крајот на годинава, а остатокот да завршат кај општините за инфраструктурни проекти. Министерката очекува силен инвестициски циклус од страна на компаниите и локалните власти, а како доказ за тоа го посочува фактот што новата Влада го задржала истото ниво на капитални инвестиции. Смета дека забрзаните вложувања во инфраструктурата ќе го поттикнат дополнително економскиот раст.
Пензионерите ќе добијат и ново зголемување на примањата од март следната година. Министерката вели дека пари за тоа веќе се обезбедиле и дека и покрај голематѕа дупка во пензискиот фонд требало да им се помогне на оние со најниски пензии кои дел од работниот стаж го стекнале во времето на транзицијата. Таа исто така е задоволна од тоа како се полни државната каса, особено од зголемените приливи од даноци и царини. Негира дека државата доцни со повратот на ДДВ, туку посочува дека претходно имало многу злоупотреби, па требало да се направат дополнителни анализи, пред да се извршат исплатите.