Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска, во Кавадарци, врачи две од вкупно 27 одобрени апликации за Тиквешкиот Регион за инвестиции во агросекторот преку „Мерката 113 – поддршка за поттикнување на земјоделското производство“.

Апликантите што денеска ги добија договорите имаат одобрено неповратен грант до 20 илјади евра за набавка на опрема за семејни винарници.

„Имено, со овие средства апликантите ќе набават пневматски преси, иноксни садови, мелачки за грозје, разладни уреди, пумпи и опрема за полнење шишиња. Модернизирањето на производството на овие млади луѓе е најголем доказ дека нашите мерки даваат резултат, а граѓаните ја препознаваат шансата шот им ја дава Владата за поддршка на младинското претприемаштво. Петре и Блаже преку своите семејни винарници ќе овозможат домашното производство на грозје да се преработи во нивни сопствени капацитети и да се произведе сопствено вино како нов бренд во широката македонска винска понуда“, истакна Бачовски.

Бачовски додаде дека преку мерките што се реализираат преку Агецијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се создаваат нови работни места, нови брендови, кои позитивно ќе се одразат на домашната еконимија. Со „Мерката 113 – поддршка за поттикнување на земјоделското производство“ се опфатени 265 апликанти на возраст до 40 години за кои се одвоени 3,1 милиони евра за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со засилена имплементација на мерки и програми за доделување финансиска помош како главен двигател на развојот и модернизацијата на агросекторот.