И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба, но, исто така, отсуствува долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Неповолното влијание што го предизвика енергетската криза во државата во 2021 и 2022 година врз граѓаните и стопанството, влијаеше Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на усогласеност на тема „Развој на системот за гасификација во Република Северна Македонија‘‘, во АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, како правен следбеник на АД ГА – МА Скопје и АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси во државна сопственост.
Со ревизијата е опфатен период од 2019 година до септември 2023 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2019 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија.
Опфатени се и прашања поврзани со правната рамка и развојот на гасоводната мрежа и гасификацијата во државата, како и спојувањето на акционерските друштва за гасификација НЕР и ГА-МА и организациона поставеност на новото друштво – НОМАГАС.
Постапката за спојување на трговските друштва НЕР и ГА-МА во НОМАГАС е спроведена во јули 2022 година во согласност со Законот за трговските друштва. Целиот имот и обврските на НЕР и ГА-МА се пренесени, а сите вработени се пријавени во ново основаното друштво НОМАГАС. Ова друштво е впишано во трговскиот регистар на крајот на декември 2022 и започнува со работа од 01 јануари 2023 година.
Имајќи во предвид дека Процесот на планирањето на гасификацијата на територијата на целата држава е отпочнато во 2010 година, а нејзината имплементацијата е започната по пет години, односно во 2016 година, со ревизијата се утврди дека поголем дел од проектите кои се предвидени со физибилити студијата се отпочнати, но изградбата на истите се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба.
Отсуствува долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави.
Република Северна Македонија увезува природен гас кај Деве Баир на границата со Бугарија. Со ревизијата е утврдено дека функционалниот гасовод во државата е изграден во деведесеттите години од минатиот век и се состои од еден магистрален гасовод кој се наоѓа на источната граница во месноста Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, како и градските гасоводни мрежи во наведените градови. Должината на магистралниот гасовод е 98 km, а заедно со неговите блок станици и приклучни места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 km. Вкупната должина на градските гасоводни мрежи, од каде фабрики, правни субјекти, училишта, општини, ТИРЗ и други објекти се снабдуваат со природен гас, изнесува речиси 80 km. Набавната вредност на функционалната гасоводна мрежа, изнесува приближно 71 милиони евра од кои најголем дел или 49% претставуваат вложување во магистрален и разводен гасовод Деве Баир – Скопје и 26% отпаѓаат на изградбата на градската гасоводна мрежа во Скопје.
Во изминатиот период искористеноста на магистралниот гасовод е недоволна и по градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата.
Со ревизијата утврдивме дека и по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив се уште не се ставени во употреба.