Поради одредени слабости во структурата на управување, процедурите, административните капацитети, комуникацијата и информирањето, финансирањето и системот за мониторинг, институциите и органите на Северна Македонија делумно се подготвени за спроведување на Целите на одржлив развој до 2030 година.
Ова се наведува во ревизијата на успешност на тема „Подготвеноста на Република Северна Македонија за имплементација на Целите за одржлив развој до 2030 година“ што ја изврши Државниот завод за ревизија.
Целта, како што информира Државниот завод за ревизија, е да се даде одговор на прашањето „Дали институциите и органите на Република Северна Македонија се подготвени за спроведување на Целите за одржлив развој до 2030 година?”
– Постојната стратешка рамка на земјата релативно добро ги опфаќа клучните аспекти на одржливиот развој. Од причини што Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) не е ревидирана и во целост приспособена согласно целите и индикаторите на Агендата 2030, се подготвува Национална развојна стратегија (НРС), а секторските стратешки документи воглавно ги рефлектираат насоките и принципите предвидени со ЦОР, поради што усогласеноста на стратешкото планирање на развојот со ЦОР е на ниво од 83 отсто, односно 95 отсто доколку се земе предвид и имплементацијата на 55 ратификувани меѓународни конвенции, се вели во соопштението.
Целосна усогласеност (покриеност на сите пот цели од конкретна ЦОР) е утврдена со ЦОР 4 (образование), ЦОР 6 (вода), ЦОР 7 (енергија), ЦОР 9 (инфраструктура и индустријализација) и ЦОР 16 (инклузивно раководење). Најнизок степен на усогласеност од 50 отсто е постигната кај ЦОР 10 (нееднаквост помеѓу и во земјите).
Од извршената анализа на организациската и институционалната поставеност за имплементација на НСОР, со ревизијата е утврдена попречена функционалност поради слабите административни капацитети, недостаток на сите предвидени тела за поддршка и процедури со јасно дефинирани надлежности и одговорности.
Утврдено е отсуство на редовна меѓу институционална комуникација, како и отсуство на ефикасни канали за комуникација и информирање со цел вклученост на засегнатите страни и подигање на јавната свест. Само пет отсто од испитаниците од спроведено истражување се изјасниле дека се воспоставени канали за комуникација и информирање на засегнатите страни и јавноста, а нивната ефикасност ја оценуваат како делумна, додека 77 отсто од нив сметаат дека не им се дадени доволно можности за активно учество во процесот на прилагодување на националната рамка со ЦОР.
– Постојниот начин на буџетирање не дава јасна слика за тоа колку од планираните и реализирани буџетски средства се насочени во функција на остварување одделните цели и под цели на одржливиот развој и не овозможува ефикасно следење на резултатите од финансираните активности, стои во соопштението.