Во 2021 година Министерството за економија набавило софтвер вреден два милиони денари кои никогаш не бил ставен во употреба. Ова го утврдиле ревизорите на Државниот завод за ревизија.

Тендерот бил распишан за набавка на софтвер за управување со апликации. Актуелниот министер за економија, Бесар Дурмиши, информираше дека постојат индиции за прекршување на процедурите при јавната набавка, бидејќи целиот процес бил завршен за само 15 дена, што е невообичаено краток рок за ваков проект.

Ревизијата открила и неправилности во користењето на службените возила и снабдувањето со гориво, како и во ангажирањето на лица со договор на дело. Според Дурмиши, државниот буџет е оштетен за 127 милиони денари (приближно 2 милиони евра) поради непреземање мерки од страна на комисиите на министерството во периодот од 2019 до 2023 година. Иако во 2022 година биле формирани комисии за прекршоци, тие до 2024 година не постапиле по ниту еден случај, што довело до застарување на многу предмети.

Министерот најави дека од надлежните институции ќе побара детално да го разгледаат ревизорскиот извештај и да преземат соодветни мерки против сите инволвирани во прекршоците.