Ќе се чека на одлука од Европската Унија за обезбедување средства за изградба на ветената пруга до скопскиот аеродром и за воспоставување на железничка линија од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје.
Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк објаснуваат дека Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ ќе треба да аплицира за овој проект, бидејќи истиот е предвидено да се реализира во рамките на Секторската оперативна програма за ИПА на ЕУ за периодот 2024-2028 година.
Од ова министерство објаснуваат дека по апликацијата од наша страна, Европската Унија ќе го направи финалниот избор и ќе одлучи дали ќе го вметне проектот за пруга до скопскиот аеродром во ИПА програмата, односно дали финансиски ќе ја поддржи реализацијата на инфраструктурниот проект.
Засега не е изработена проектната документација за изградба на железничкиот крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје, потврдуваат од Министерството за транспорт и врски.
Сепак, директорот на ЈП за железничка инфраструктура, Хари Локвенец во интервју за Локално.мк објаснува дека со изградбата на пругите кон Бугарија и Албанија, предвидено е патниците од двата македонски аеродрома да добијат железничка врска со Скопје и Охрид. Имено, со изградбата на пругата кон Албанија, планирано е железничко поврзување на охридскиот аеродром со Охрид.
Тој наведува дека е планирано поврзување на скопскиот аеродром со главниот град, но без поконкретни детали и датуми за негова реализација.
Мета.мк во два наврати на 3 и 10 април годинава испрати прашања до ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ за проектот за воведување на аеродромски воз меѓу скопскиот аеродром и главниот град. Прашавме до каде е изработката на проектна документација и физибилити студија за изградба на пруга до скопскиот аеродром, до каде е пронаоѓањето на финансиски средства за овој проект, како и кога би можело да започне изведбата на ветениот железнички крак до аеродромот. Сепак, не добивме одговори на поставените прашања од ова јавно претпријатие.
Директорот на ова јавно претпријатие Хари Локвенец во февруари 2021 година рече дека се изработува идејно решение за изградба на железничкиот крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје. Тој тогаш напомена дека изградбата на пруга до скопскиот аеродром би можела да се заврши во 2023 година. Сепак, од денешна перспектива на терен не се започнати никакви градежни работи во однос на реализацијата на овој проект.
Изградбата на железничка линија до скопскиот аеродром беше вклучена во Националната транспортна стратегија на земјава за периодот 2018-2030 година, но и во владината програма за работа за периодот 2020-2024 година.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец во ноември 2021 година информираше дека работеле на изработка на проектната задача, која што следи пред изготвување на физибилити студијата за идната пруга до аеродромот што би била долга 8 километри. Локвенец тогаш рече дека токму физибилити студијата би дала податоци за оправданоста за реализација на проектот.
Според податоците што се наведени во Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година, воведувањето на аеродромскиот воз е предвидено дека би чинело 30 милиони евра. Овие средства би биле потребни да се изгради пругата до самиот аеродром, железничка станица во близина на аеродромската зграда, како и да се набават нови возови за одржување на релацијата со центарот на Скопје.
„Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше дека воведувањето на оваа железничка линија би им овозможила на граѓаните да патуваат до скопскиот аеродром двојно побрзо и за три до четири пати поевтино во споредба со актуелната автобуска линија меѓу аеродромот и центарот на Скопје. Воедно, аеродромскиот воз би можел да се користи и од локалното население и граѓаните кои работат во Илинден и околните населени места и индустриски зони, а коишто секојдневно патуваат од и кон центарот на Скопје.
Според податоците на Државниот завод за статистика, услугите на скопскиот аеродром лани ги користеле 2.134.988 патници. И покрај драстичниот пад на бројот на патници во авиосообраќајот поради ковид-19 пандемијата во текот на 2020 и 2021 година, статистичките податоци укажуваат дека воздухопловниот превоз од скопскиот аеродром брзо се опоравува и дека веќе годинава би можело да биде надминат историскиот рекорд на превезени над 2,35 милиони патници што беше достигнат во 2019 година.