Европската Унија презема итни чекори за да се намали поскапувањето на електричната енергија. Министрите за енергетика почетокот на септември ќе бараат решенија како да се спречи  растот – најверојатно ќе се ограничат цените до одредено ниво. Во спротивно, ако не се преземе ништо, според белгиската министерка за енергетика – Европа ќе се соочи со 5 до 10 страшни зими. На Твитер напиша дека тоа што го предлагала уште во февруари годинава – да се постави плафон до кој можат да растат цените, сега Европа размислува да го прифати. Се погласни се и повиците да се одвои цената на гасот од цената на електричната енергија.

И додека земјите членки на Унијата ги полнат резервоарите со гас, цената на берзите урива рекорди и денеска на Hupex надмина 800 евра за мегават, Македонија нема алтернатива. Нема складиште за гас и ако се случи Русија да го запре вентилот ќе мора да ги моли соседните земји. Но, тие имаат залихи само за нивните потреби.

– Бугарија и Србија имаат складишта и плус дополнително платија во Унгарија за определени залихи. Но тоа е за нивни потреби, а ние немаме врска со нив. Со Бугарија има, од нивниот гасовод, но велат дека од наша страна не добиле дозвола за транспортирање. Нашето министерство рече дека ќе испрати писмо за тоа, ама изгледа уште не е напишано, изјави Константин Димитров, експерт за енергетика.

За да се спречи економски крах, затворање на бизнисите и отпуштања на вработените, што може да резултири со социјални немири, според  Димитров, државата мора да го послуша бизнисот – да го укине ДДВ за колектори, инвертор клими, но и со Уредба да ги укине административните процедури за ставање колектори.

– Државата покрај да нема ДДВ, треба да дели субвенции. Тие најавија дека ќе делат по 1,000 евра субвенции, дека ќе распишат јавен повик, но само остана на ЌЕ. Не треба со зборови, треба со дела. Дело е преку ноќ да донесат Уредба, да се растрчаат граѓаните и фирмите да купат колектори. Нема, треба да се чека да дојдат од Кина, од Германија, 2 месеца ќе поминат. За сето тоа ќе треба време, ќе почне зимата, ќе биде лошо, додава Димитров.

Само за добивање дозвола за инсталирање колектори, на граѓаните и фирмите им се потребни над 80 документи. Од нив, 24 им бара Регулаторната комисја, како и 500 евра за поднесено барање. Собирањето дозволи од министерствата и институциите трае најмалку 3 месеци.