Недостигот на стоки од Азија може да стане уште позабележителен сега кога Кина привремено го затвори третото по големина пристаниште во светот, бидејќи во него се појави случај на Ковид-19.
Имено, главниот терминал во пристаништето Нингбо-Жаушан, од кој стоката се испраќа во Европа и во Северна Америка, беше затворен, бидејќи беше утврдено дека еден работник е позитивен на корона вирус. Кина има многу строга политика за спречување на ширење на инфекцијата и често затвора стопански капацитети, па дури и цели градови, поради само неколку заразени луѓе, пренесува Банкар.ме.
Ова е вторпат оваа година Кина да затвори едно од своите најголеми пристаништа, и бидејќи високо заразната делта варијанта на вирусот се шири и таму, веројатно нема да биде последно затворање.
Експертите предупредуваат дека ваквите одложувања на пратките се последното нешто што ѝ е потребно на глобалната економија погодена од кризата со корона, но Кина е непоколеблива – нејзиниот начин да се бори против вирусот корона е да го спречи неговото ширење.
Терминалот ќе биде затворен до среда, а потоа ќе се разгледа неговото повторно отворање, доколку безбедносните услови се задоволителни.