Индија која со кромид снабдува 12 отсто од светскиот пазар, а од каде и ние увезуваме воведе извозен данок од 40 отсто! На европските берзи ем нема доволно, ем кромидот е поскапен и тој без ДДВ моментално чини над 60 денари. Досега цената на кромидот во Македонија се зголеми за фрапантни 150 отсто
Килограм кромид есеноска може да стаса и до 120 денари за килограм, бидејќи Индија – најголемиот извозник во светот, која покрива 12 отсто од глобалниот пазар, а од каде се “хранат“ и македонските пазари, воведе извозен данок од 40 отсто, објави Си-Би-Ес! Мерката ќе важи до 31 декември, а се должи на намалените количини поради обилните врнежи во јули во клучните производни региони за кромид во државите Махараштра и Карнатака.
Извозниот данок од 40 отсто сè уште може да се толерира, бидејќи под слични околности во 2019 година, Индија целосно го забрани својот извоз на половина година. Резервниот план на сите добавувачи ќе се сведе на Холандија, но и таму го нема доволно за сите, така што на македонските домаќини ќе им останат само солзите од цените кои ќе треба да ги плаќаат за овој вид зеленчук. На европските берзи ем нема доволно, ем кромидот е поскапен и тој без ДДВ моментално чини над 60 денари. Досега цената на кромидот во Македонија се зголеми за фрапантни 150 отсто!
Во моментот цените на кромидот на зелените пазари се повторно во „низок старт“ – жолтиот чини 70, а црвениот и над 90 денари за килограм и тоа во најголем дел од увоз. Но од овие земји пристигнуваат лоши вести дека дождовите уништиле огромни насади од него и количините што сега се нудат не се доволни. Иако не е каприциозен зеленчук, тој е релативно евтин и не носи голем профит, па земјоделците во вакви случаи обично брзо се откажуваат од него. Така да не ве лаже умот, предупредуваат пазарџиите исто како што нема беровски компири, така нема и нема да има и бучимски кромид.
Килограм кромид во јуни стигна и до 100 денари, но само пред една година ова беше храна која можеше да се купи за неполни 30 денари (28,62). Според ланскиот годишен Извештај на Земјоделско пазарниот информативен систем, во однос на 2021 година, цената на кромидот се зголемила за 50 отсто. Колку за потсетување овој зеленчук во 2020 и во 2021 година просечно се продавал по цена од речиси 18 денари за килограм.
Високи стапки на пораст на цените бележи и леќата која во 2020 година се продавала по 53 денари, за лани да достигне цена од 110 денари, а сега чини од 160 до 180 денари (пораст од 170 отсто). Лански лидер по скапотија биле младите компири со плус од 111 отсто во однос на 2021 година, но годинава и нивната цена уриваше рекорди.
-Лошата работа во овој случај е што родот на кромидот е многу лош веќе втора година поради дождовите кои паднаа во погрешно време. Ова руинираше огромни насади не само кај нас, туку и низ цела Европа, а неминовно е да и поскапе на пазарот. Во октомври-ноември, кога ќе завршат количините на зрелиот кромид од сегашната реколта, не чека ново поскапување – велат откупувачите.