Податоците од Централниот регистар покажуваат дека за овие дваесетина дена се основале 328 фирми или 11 помалку од оние што згаснале. Минатата година била неуспешна за 3.775 фирми, чии сопственици барајќи најбезболен излез, се определиле да стават клуч на врата, што пак е помалку од половина на сите оние што почнале бизнис во државава (8.247)
Новата година неславно почна за 339 фирми. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека за овие дваесетина дена, пак, се основале 328 фирми или 11 помалку од оние што згаснале. Минатата година била неуспешна за 3.775 фирми, чии сопственици барајќи најбезболен излез, се определиле да стават клуч на врата, што пак е помалку од половина на сите оние што почнале бизнис во државава (8.247).
Инаку, во 2024 година, бројот на активни фирми во земјава изнесувал 122.602, а од нив над 30.000 се занимавале со трговија во сите форми. Според експертите, како што се ближи новата пресметка на минималецот, можен е нов наплив на згаснувања на фирмите, бидејќи малите и средни бизниси тешко може да го издржат товарот на давачките кон државата.
Во 2023 година крај на бизнисот прогласиле 4.330 фирми, што во споредба со претходните две години и не било толку лош резултат, бидејќи во 2022 година згаснале 6.857, а во годината пред неа се затвориле 6.993 фирми.
Од статистиките на ЦР може да се види дека бизнисот главно се одвива во Скопје, каде што има најмногу отворени, но и затворени фирми. Централниот регистар има можност да брише компании во согласност со член 477 од Законот за трговски друштва, за кои Управата за јавни приходи со решение утврдила дека три години по ред имаат неактивен статус. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва објавен во Службен весник бр. 115 од 2021 година, се укинува член 552-б, според кој бришењето настануваше во случаи кога фирмите не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, и не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче.
– Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва, ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице – објасни законодавецот во образложението на измените.
Според експертите, во Македонија основањето бизнис е прилично брз процес и доколку целосната документација е уредна, фирмата може да биде основана и за еден ден. Секој може да биде сопственик и да регистрира трговско друштво во Македонија, а и сите лица над 18 години можат да бидат регистрирани како управител. Основачкиот влог е стандардно 5.000 евра и може да се исплати во рок од една година, а со последните измени на Законот за трговски друштва, друштво може да се основа и за едно евро основачки влог.