ТАВ Македонија најавува проширување на Охридскиот аеродром во 2020-та година. Со тоа ќе се удвои капацитетот на терминалната зграда и ќе можат да се опслужуваат шестотини илјади патници годишно. Се разбира, тоа е резултат на зголемувањето на патниците, чиј број на почетокот на месецов достигна триста илјади, што е за осум пати повеќе во споредба со 2009-та.

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ дава сѐ поголем придонес за развојот на туризмот и враќање на Охрид на светските туристички мапи. Минатиот викенд беше достигната важна пресвртница во работењето на аеродромот, кога за прв пат бројот на патници ја надмина бројката од 300 илјади. Тоа е за 815 проценти повеќе во споредба со 2009 -тата година. Поради тоа, од ТАВ Македонија најавија проширување на аеродромот, односно удвојување на капацитетот на терминалната зграда со што ќе се опслужуваат преку 600 илјади патници годишно.

Ќе ја зголемиме терминалната зграда, ќе додадеме ленти за подигање на багаж, ќе има десет шалтери за чекирање, како и уште еден излез за патници и на тој начин ќе ја зголемиме удобноста на патниците. Доколку се се одвива онака како што е планирано и административните работи течат мазно, градежните работи ќе започнат зимава и ќе завршат до почетокот на летото“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од ТАВ Македонија најавија отворање нови авиолинии за наредната година.

„Охридскиот аеродром моментално има 22 дестинации од кои 8 се редовни линии. Се разгледуваат интервалите и се објавени барања до авиокомпаниите за отворање на нови линии. Се очекува во 2020-тата да има една или две нови дестинации“, рече Ерсој.

Со 53, 8 проценти пораст во патничкиот сообраќај во третиот квартал од годинава Охридскиот аеродром беше рангиран на листата на најбрзорастечки аеродроми во својата големина, во групата аеродроми што не се во ЕУ.