Ќе се стави ли крај на дивеењето на цените на становите? Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски најави пад на цената на станбениот квадрат за 30 до 40% со нов проект од 3,5 милиони евра.
Акционерското друштво за изградба и управување со станбен и деловен простор има намера веќе од следната година да гради згради за комерцијална продажба на станови во Штип, Скопје и Битола со многу пониски цени од оние на приватните инвеститори.
Вртоглавиот раст на цените на становите е причина за следната година да се започне и проектот „Купи куќа за млади“, кој ќе обезбеди пристапни цени за младите што сакаат да купат или изградат дом.
Николоски вчера беше во Битола, од каде исто така ги најави овие два проекти. Градежниците кои ги контактираше ТВ 24 пак не сакаат јавно да коментираат, но сметаат дека засега нема простор за намалување на моменталните цени, бидејќи градежните материјали според нив се многу скапи, но посочуваат дека доколку државата интервенира, односно субвенционира дел од цената тогаш може да се размислува во поинаква насока.