По завршувањето на трансакцијата вредна 50 милиони евра, „Подравка“ ќе има 84,99 отсто од сопственичкиот удел во „Подравка Агри“, а остатокот ќе ѝ припадне на ЕБОР. Ова е поддршка за преземање на земјоделскиот сегмент на Групацијата „Фортенова“. „Подравка“ и новооснованата компанија „Подравка Агри“ потпишаа договори со ЕБОР за акционерско вложување во „Подравка Агри“ во износ од 50 милиони евра, беше објавено во понеделникот на Загрепската берза.
„Со тоа, ЕБОР финансиски ја поддржува Подравка во реализацијата на преземањето на земјоделскиот сегмент на групацијата Фортенова, која ја сочинуваат Беље плус, ПИК Винковци плус, Енергија Градец, Беље Агро-Вет плус и Феликс плус“, се наведува во известувањето.
„Со потпишувањето на договорот со Европската банка за обнова и развој, направивме важен чекор кон финализирање на стекнувањето на земјоделскиот сегмент на Групацијата Фортенова. Партнерството со ЕБОР ќе овозможи трансфер на најдобрите светски практики во управувањето со земјоделските компании и дополнително зајакнување на корпоративното управување во новооснованата компанија Подравка Агри“, изјави Мартина Далиќ, претседател на Управниот одбор на „Подравка“.
„Подравка Агри“ и „Фортенова груп“ на почетокот на годинава потпишаа договор за преземање на земјоделскиот сегмент на „Фортенова“ со вкупна вредност од 333 милиони евра, пишува „СЕЕ.биз.еу“.