Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го назначи Фатих Туркменоглу за нов претставник во Македонија. Тој ќе ја преземе должноста на 1 ноември.
Како што информираа од ЕБОР, Туркменоглу е со турска националност и на Банката и се приклучил во 2012 година како Главен банкар во тимот за општинска и еколошка инфраструктура, во Истанбул, Турција.
Во 2018 година е унапреден во Помошник Директор, Постар Банкар. Следната година е назначен за претставник на Резидентната канцеларија во Туркменистан, каде воглавно работел на проекти од приватниот сектор. Тој е искусен меѓународен банкарски професионалец, со богато искуство во инфраструктурно и комерцијално банкарство.
Во неговата кариера, специјализирал во имплементација на проекти, меѓугранично финансирање, правни рамки и односи со донаторите. Пред да се приклучи на ЕБОР во 2012 година, има работно искуство во јавниот сектор и комерцијалното банкарство.
Туркменоглу планира дека ЕБОР во Македонија ќе инвестира ЕУР 180 милиони во 2023 година.
-Се радувам на соработката со властите и приватниот сектор, во овој возбудлив период на ЕБОР во Македонија. Посветени сме на поддршката на зелената транзиција на земјата, преку иновативни финансиски производи и со извонредни одржливи проекти кои следат – изјави тој.
Инаку, образованието на Туркменоглу е во областа на економија и финансии од универзитетите во Турција и Велика Британија. На неговата нова позиција доаѓа после Анди Аранитаси, кој сега работи како претставник на ЕБОР за Узбекистан. ЕБОР почна да инвестира во Македонија во 1993 година и до сега има инвестирано над ЕУР 2,6 милијарди во 180 проекти, од кои скоро половина се во приватниот сектор. Приоритет на Банката е да ја поддржи земјата во конкурентност, зелена транзиција и натамошна интеграција во регионалните и глобалните пазари.