Минатата недела беше остварена работна средба на гувернерката и вицегувернерите на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) со делегацијата на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е во неколкудневна посета на земјава. Делегацијата е предводена од директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и за Ерменија, Франс Викерс и од директорката на ЕБОР за Полска, Бугарија и за Албанија, Виолета Барвицка-Лофтхаус.
На средбата, акцентот беше ставен на дел од приоритетите кои ќе треба да бидат инкорпорирани во стратегијата на ЕБОР за Република Македонија за претстојниот четиригодишен период. Притоа, како што веќе беше најавено и во разговорот со раководството на НБРМ, фокусот на делегацијата на ЕБОР беше насочен на утврдувањето на клучните области каде што може да се ангажира оваа меѓународна развојна банка во земјава во текот на следните неколку години за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог.
Раководството на НБРМ ги презентира согледувањата и оцените за македонската економија во целина, како и согледувањата и оцените за македонскиот банкарски систем и неговата стабилност. Исто така, одделно внимание им беше посветено и на идеите и можностите за натамошната соработка меѓу двете институции.
„Македонската економија закрепнува, а банкарскиот систем во земјава е стабилен и солвентен. Тој е во кондиција којашто овозможува понатамошна поддршка на економијата“ – истакна гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска. Пред претставниците на ЕБОР, таа посочи и на просторот за понатамошна консолидација на банкарскиот сектор, како и на потребата за развој на останатите сегменти на финансискиот систем и развој на алтернативните извори за финансирање, особено за малите и за средните претпријатија. Токму во овие сегменти се воочи простор за натамошна поголема вклученост на ЕБОР. Воедно, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна и на новата концепт-стратегија на ЕБОР за Република Македонија, укажувајќи на добро дефинираните приоритети, особено во областа на инфраструктурата и финансискиот сектор, како клучни предуслови за зголемување на конкурентноста и продуктивноста на економијата.
На средбата беше нагласена досегашната успешна соработка на ЕБОР со земјава и подготвеноста на оваа меѓународна финансиска институција за одржување на континуитетот во обезбедувањето поддршка за реформа на приоритетните сегменти. Меѓу другото, беше истакнато и дека постои простор за зајакнување на идната соработка и комуникација меѓу НБРМ и ЕБОР, којашто би вродила со заеднички проекти.
Ваквите посети на делегација на Одборот на директори на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење. Со ваквите посети се овозможува Одборот на директори да биде запознаен со економските и со политичките движења во земјата, како и со тековните и идните проекти во рамки на соработката меѓу земјата и ЕБОР.
Досега ЕБОР има вложено над 1.8 милијарди евра во 113 проекти во Република Македонија, со цел поддршка на интеграцијата на земјава во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог и особено преку интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската Унија и Европската инвестициона банка.