Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри четири милиони евра кредитна линија на Шпаркасе Банка АД Скопје, наменета за понатамошно кредитирање на македонските мали и средни претпријатија (МСП), со цел инвестирање во дигитална и автоматизирана технологија.

Од канцеларијата на ЕБОР во Скопје денес известија дека одобрените средства се првиот кредит од ЕБОР Програмата за дигитализација на Западен Балкан во државава. Оваа програма поддржува стимулативни плаќања и техничка помош финансирана од Европската Унија, чија Програма за гаранции за Западен Балкан ги поддржува МСП, преку обезбедување на поголемо финансирање достапно преку комбинација на грантови и кредити.

Програмата за дигитализација на Западен Балкан има за цел да поттикне иновации, конкурентност и одржлив развој во приватниот сектор. Ова вклучува мерки за зајакнување во насока на користење нови технологии кои може да овозможат автоматизација и дигитализација, обезбедувајќи услови МСП да останат конкурентни во сѐ поширокиот дигитален пејсаж и насочувајќи ги инвестициите кон технологија која ја поддржува транзицијата кон зелената економија.

Оваа иницијатива исто така промовира инклузивен економски раст, преку создавање услови МСП управувани од жени да имаат еднаков пристап до финансирање. Обезбедувањето на финансирање за ваков развој треба да им помогне на бизнисите во регионот подобро да се усогласат со ЕУ стандардите, да го прошират нивниот трговски потенцијал, да го зголемат капацитетот, да се натпреваруваат на глобалната сцена и да ја поттикнат нивната отпорност и диверзификација.

“Поддршката на МСП во нивната дигитална и зелена транзиција е круцијална за градење на силен приватен сектор. Преку промовирање на иновација и одржливост, обезбедуваме услови бизнисите да добијат пристап до финансирањето и можности за раст. Оваа иницијатива, ги охрабрува МСП да ја поттикнат автоматизацијата и дигитализацијата, да ја зајакнат нивната конкурентност на локалните и глобалните пазари, како и инклузивноста во ланците на глобални вредности,” изјави Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, по потпишувањето на договорот со Санел Кустурица, претседател на УО на Шпаркасе Банка и Златица Цивкароски, член на УО на Шпаркасе Банка.

ЕБОР има инвестирано повеќе од 2,9 милијарди евра во 198 проекти во Северна Македонија, од почетокот на работењето во земјата.