Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), во соработка со една од домашните комерцијални банки, ќе додели пет милиони евра преку кредити наменети за поддршка на домаќинствата за подобрување на енергетската ефикасност.

Со кредит од два милиони евра, ЕБОР ќе ги поддржи инвестициите во еколошки технологии со високи перформанси, наменети за зградите во приватна сопственост, вклучувајќи и објекти за домување во Македонија. За средствата може да конкурираат физички лица, кои планираат да инвестираат во технологии, материјали и решенија за подобрување на енергетската ефикасност. Кредитите се делат преку Програмата за финансирање на зелената економија.

– Зградите во Северна Македонија имаат итна потреба од реновирање и воведување изолација, со што се очекува да ги намалат трошоците и да се подобри удобноста на живеењето. Ова е трета кредитна линија преку Програмата за финансирање на зелената економија, со која се задоволува растечката побарувачка за овој финансиски продукт – се наведува во соопштението на ЕБОР.

Дополнително на ова, ЕБОР одобри три милиони евра од кредитната линија за хипотекарни кредити, за натамошно приватно кредитирање на потребите на домаќинствата. Ова е вториот хипотекарен кредит на ЕБОР, а првиот беше потпишан во 2017 година и беше целосно пласиран на пазарот во земјата. Финансирањето на хипотеките, во комбинација со кредитот за подобрување на заштедите на енергија кај домаќинствата, ќе помогне во проширување на кредитирањето во резиденцијалниот сектор, посочуваат од ЕБОР.