Пазарите ги чекаат сигналите од гувернерот на централната банка Марио Драги
Европската централна банка ги задржа без промена основните камати и го потврди прекинот на купувања на средства на крајот на овој месец, соопштија од финансиската институција.
На денешното заседание Управниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука каматната стапка по главните операции за рефинансирање и каматните стапки на граничното кредитно олеснување и депозитните олеснување да останат непроменети – односно 0,00%, 0,25% и -0, 40%. Управниот одбор очекува основните каматни стапки на ЕЦБ да се задржат на сегашното ниво најмалку за период кој го вклучува и летото 2019 година, и во секој случај толку долго колку што е потребно, за да се обезбеди натамошно одржливо доближувањето од инфлацијата до пониски нивоа, но блиску до 2% во текот на среден рок
Што се однесува до нестандардните мерки на монетарната политика, нето купувањата по програмата за купување на средства ќе завршат во декември 2018 година. Истовремено Управниот одбор развива дополнителна стратегија за реинвестирање. Управниот одбор има намера да продолжи да ре-инвестира во целост во главниците на хартиите од вредност со датуми на достасување стекнати во рамките на програмата за купување на средства, како и во подолг временски период по датумот на кој започне да се зголемуваат основните каматни стапки на ЕЦБ , и во секој случај толку долго колку што е потребно за да се одржуваат поволните услови на ликвидност и значителен степен на нерестриктивност во монетарната политика.
Уште во јуни централната банка ги истакна плановите да ја прекине големата програма за откуп на обврзници во декември и навести дека каматните стапки, најверојатно, ќе останат на сегашните ултраниски нивоа барем до летото 2019 година
Од записникот од претходната средба на ЕЦБ стана јасно дека за време на средбата банкарите признале дека постојат некои разочарувачки податоци, но прифати дека сеуште се гледа економски раст и забрзување на инфлацијата.
Пазарите се во очекување на пораките од управителот на ЕЦБ Марио Драги во контекст на растечките сигнали за забавување на економскиот раст во светски рамки, тензиите во трговијата што ги помрачува изгледите, особено поради проблемите со Италија и Brexit.
Кратко време по објавувањето на одлуката, еврото остана стабилно во однос на доларот на ниво од 1.1369 долари.