Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја задржи референтната каматна стапка на 4,0 отсто „доволно долго“, изјави денеска членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Франсоа Вилерој де Гало.
„Инфлацијата е болест, а каматните стапки се лекот што почнува да делува… Сметаме дека 4,0 проценти е добро ниво. Треба да ја задржиме оваа референтна каматна стапка доволно долго“, рече тој во интервју за БФМ телевизија.
ЕЦБ ја зголеми својата референтна каматна стапка на рекордни 4,0 отсто претходно овој месец и сигнализираше дека тоа најверојатно ќе биде последното зголемување на каматната стапка поради забавувањето на економијата во еврозоната.