Во октомври банките во еврозоната ги намалија кредитите на компаниите за прв пат од летото 2015 година, покажаа податоците на Европската централна банка (ЕЦБ). Банкарските кредити на компаниите се намалени за 0,3 отсто во октомври во однос на истиот месец лани, по растот од 0,2 отсто во претходниот месец, објави ЕЦБ.
Последен пат банките ги намалија кредитите на компаниите во јули 2015 година, кога еврозоната почна да закрепнува од должничката криза. Кредитирањето на домаќинствата во октомври е зголемено за 0,6 отсто, најслабо од почетокот на 2015. Во септември е зголемено за 0,8 отсто. Намаленото кредитирање на компаниите и ограничената понуда на пари се резултат на заострената монетарна политика на ЕЦБ, која од јули минатата година до средината на септември годинава ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени, со цел да ја заузда инфлацијата преку ограничување на побарувачката.
Построгите услови за финансирање резултираа со пад на економската активност во зоната на примена на заедничката валута во третиот квартал, а S&P Global во последното месечно истражување за деловните активности проценува дека може да влезе во рецесија на крајот на оваа година. Некои аналитичари сега стравуваат дека ЕЦБ отишла предалеку со зголемувањето на каматните стапки и дека кредитирањето станало толку рестриктивно што би можело да ја продлабочи рецесијата или да го забави закрепнувањето на економијата во наредната година, забележува Ројтерс, пренесува СЕЕ.биз.еу.