Во четвртокот, Европската централна банка (ЕЦБ) не ги промени клучните каматни стапки, туку покажа подготвеност да дејствува и да ги намали каматните стапки за да се спротивстави на заканите од многу ниска инфлација и забавување на глобалната економија.
На завчерашниот состанок, Управниот совет на ЕЦБ ги потврди сите три каматни стапки на сегашните нивоа, вклучувајќи и негативна каматна стапка од 0,4 отсто на банкарските депозити, поттикнувајќи ги да ги префрлат парите во економијата и кон потрошувачите.
Клучната каматна стапка останува на нула проценти, објави ЕЦБ по завршувањето на седницата, додавајќи дека има намера да ја задржи на тековните или пониски нивоа најмалку до средината на следната година.
Сепак, ЕЦБ покажа подготвеност да преземе нови чекори и евентуално намалување на каматните стапки во обид да се спротивстави на заканите за контракција на економијата од 19 земји, поврзана со многу ниската инфлација и забавувањето ја глобалната економија.
Како што се наведува во соопштението, 25-члениот Управен совет – ја признава потребата за многу блага монетарна политика во подолг временски период, бидејќи инфлацијата тврдоглаво останува далеку под целта во ЕЦБ.
Според податоците на Еуростат, во јуни годишната инфлација изнесуваше 1,3 отсто, далеку под целните “малку под два проценти“.
Исто така, ЕЦБ вели дека се подготвени да ја разгледаат можноста за повторно активирање на програмата за купување обврзници. Оваа програма, вредна 2.600 милијарди евра, беше укината на крајот од минатата година.
Каматните стапки во еврозоната не се променети од март 2016 година, кога ЕЦБ ги намали за да ја поддржи економијата и да се спротивстави на заканата од дефлација.
Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, на прес-конференцијата рече дека изгледите се влошуваат и додаде дека пожелното закрепнување во втората половина од оваа година е малку веројатно.
Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк