Европската централна банка (ЕЦБ) се чини дека е посветена на понатамошно ублажување на веќе и онака многу експанзивната монетарна политика.

Ваков заклучок донеле банкарските економисти врз основа на записникот од последниот состанок на Управниот одбор на крајот на април, кој беше објавен во петокот. Меѓу другото, во протоколот се наведува дека брзото закрепнување на економијата од пандемијата на коронавирусот веројатно веднаш може да се исклучи.

Доколку поддршката на монетарната политика преземена за време на кризата се покаже како недоволна, Управниот одбор ќе мора да ја зголеми набавката на хартии од вредност и евентуално други инструменти, се наведува во записникот. Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн ова го изјави во петокот, при што тој додаде дека ЕЦБ ќе ги прилагоди своите инструменти во јуни доколку тоа е потребно.

Обемот на итни набавки за вонредни состојби на ЕЦБ Корона (“ECB Corona emergency purchases (PEPP)”) во моментов изнесува 750 милијарди евра до крајот на годината.

Аналитичарите веќе долго време посочуваат дека предвидените средства ќе бидат исцрпени уште наесен, поради брзото темпо на набавки на ЕЦБ. На состанокот за каматните стапки кон крајот на април, ЕЦБ најпрво ги олабави условите на постојните кредитни програми и започна дополнителни операции за рефинансирање на банките (ПЕЛТРО).

Следниот состанок на Управниот одбор на ЕЦБ ќе се одржи на 4 јуни.