Европската централна банка одлучи да не ја зголемува референтната каматна стапка за првпат по 15 месеци, бидејќи заклучи дека најбрзиот циклус на зголемувања на каматните стапки во нејзината историја се повеќе негативно влијае на економијата.

Ваквата одлука беше очекувана откако претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард навести пауза по минатомесечното зголемување на каматните стапки, oбјави ФоНет, пренесува Данас. Оттогаш и економската активност и инфлацијата продолжија да забавуваат, според Политико. Најновата одлука значи дека основната депозитна стапка останува на рекордни четири отсто, при што основните стапки на рефинансирање и маргиналните стапки се 4,5 и 4,75 отсто, соодветно. Според соопштението на ЕЦБ, инфлацијата и натаму се очекува да остане превисока долго време, а домашните ценовни притисоци се силни, но во исто време инфлацијата значително се намали во септември. Централната банка соопшти дека ја оставила отворена вратата за понатамошни зголемувања на каматните стапки, велејќи дека „ќе се погрижи нејзините стапки да бидат поставени на доволно рестриктивни нивоа онолку долго колку што е потребно“.

Повеќето аналитичари, сепак, сметаат дека каматните стапки го достигнаа врвот и веќе шпекулираат за времето на првото намалување. Според неодамнешното истражување на Ројтерс, повеќето економисти сега очекуваат тоа да се случи до третиот квартал на следната година, при што каматните стапки ќе паднат на 3,5 отсто до крајот на септември.