Европската централна банка (ЕЦБ) размислува да ја промени својата стратегија, врз основа на која ја спроведува својата монетарна политика, за да може побрзо и пофлексибилно да реагира на можни ценовни шокови, објави Ројтерс, повикувајќи се на публикација на Блумберг.

Управниот совет на ЕЦБ ќе разговара детално за можна промена во својата стратегија за прв пат за време на неформален состанок што ќе се одржи на 6 и 7 мај во португалскиот град Порто. Блумберг се повикува на анонимни претставници запознаени со подготовките за состанокот.

На состанокот ќе бидат разгледани и оценети извештаите на двете работни групи формирани за проценка на стратегијата за монетарната политика на ЕЦБ. Ќе се дискутира и за анализа на темата подготвена од Комитетот за монетарна политика, во кој учествуваат водечки економисти од ЕЦБ и претставници на централните банки на земјите што се дел од еврозоната.