Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во вчерашното интервју за 360 степени откри дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата на кредитите за фирмите од заемот од Унгарија. Најави дека деталите ќе се договорат на следниот состанок со Mакедонската банкарска асоцијација што ќе се одржи во недела, а на кој ќе присуствува и премиерот.
На прашање зошто досега не успеале да се договорат со банките, таа одговори дека чекале да се префрлат парите.
„Чекавме да се префрлат парите, да легнат на сметки и да видиме како ќе ги префрлиме кон Развојната банка. Притоа, зборувавме дека каматната стапка е 3,25 проценти и таа ќе остане. Целта на владата е каматната стапка да биде таа по која сме го земале кредитот. Тука имавме дискусија, дали банките, на некој начин, ќе учествуваат во субвенционирање на каматната стапка, иако сакам да кажам дека досега од 2011 година па наваму, повлечени се повеќе од 650 милиони евра по различни кредитни линии, за кои каматната стапка ја субвенционирала државата“, рече Димитриеска-Кочоска.
На прашањето дали сите пари може да одат преку една банка ако останатите не прифатат, министерката вели дека во тој случај не би имало ништо спорно, но преферираат поголема вклученост на банкарскиот сектор.