Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои лани од 24 април до 3 мај, дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани при регистрацијата на возилата. Ненајавеното поскапување од 15,4 отсто ги револтираше возачите, но осигурителните компании беа децидни дека нема да има поврат на средствата!

Дали граѓаните ќе си ги добијат парите за преплатените осигурителни полиси за автоодговорност и натаму е неизвесно, но ако Комисијата за заштита на конкуренцијата по завршувањето на прекршочната постапка, потврди дека постои прекршок, десет осигурителни компании ќе добијат казни. Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои лани од 24 април до 3 мај, дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани при регистрацијата на возилата. Ненајавеното поскапување од 15,4 отсто ги револтираше возачите, но осигурителните компании беа децидни дека нема да има поврат на средствата! Тие тогаш за „Слободен печат“, рекоа дека консултирале и правници, а враќањето на парите не доаѓало предвид бидејќи „процесот бил сложен, затоа што полисите ги продавале преку агенти, на кои им платиле од 20 до 40 отсто од вредноста на полисата“. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето, тогаш пресметаа дека во просек неделно се регистрираат околу 10 илјади автомобили, од што произлеле калкулацијата дека ист број граѓани ја преплатиле полисата! Минатата недела, по речиси една година, КЗК, соопшти дека по неколку месечно интензивно истражување утврдила постоење на нов картел во Македонија, овој пат во осигурителниот бизнис!

-Постапувајќи по – барање добиено од Министерството за финансии, Комисијата започна постапка против 10 осигурителни компании во Македонија, заради постоење на основи на сомневање дека истите се здружиле во картел којшто е директно на штета на граѓаните и стопанството. Десетте осигурителни компании кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на државата, во април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила – детализираа од КЗК.

Заради целосно документирање на случајот и покренување на соодветна прекршочна постапка против сторителите, КЗК извршила низа увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – КАРТЕЛ.

За да го оправдаат поскапувањето, лани од Групација на осигурувањето при СКСМ, истакнаа дека очекуваат институциите да покажат поголемо разбирање за работењето на осигурителниот сектор, да ги земат во предвид сите доставени детални и сеопфатни анализи за цените на авто осигурувањето, и да се дојде до решение кое ќе подразбира имплементирање на реални, пазарни цени, кои ќе овозможат непречно сервисирање на штетите. Според нив, иако според Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Член 46,  Комисијата за автомобилска одговорност, имала обврска еднаш годишно да прави анализи за тековните состојби, и да  доставува до Владата предлог за утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност, тоа не се случило, а минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност не била променета повеќе од 15 години, поточно од 2008 година, кога била намалена за 30 отсто.

Инаку, за проблемот со преплатените автополиси, лани прва алармираше Организацијата на потрошувачи на Македонија, од каде ги повикаа граѓаните што платиле повисоки суми за полисите за автоодговорност да поднесат приговор на нивната платформа – Пријави проблем за финансиски услуги. Неофицијално неколку десетици граѓани се пријавиле како оштетени. Алатката беше направена и наменета за граѓаните да ги претстават своите проблеми кои евентуално ги имаат со давателите на финансиски услуги: банките, штедилниците, финансиските друштва, давателите на финансиски лизинг и осигурителните компании. Инаку, ОПМ, во рамки на надлежностите предвидени со Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од јуни 2024 година, е овластено тело за заштита на колективните интереси и права на потрошувачите со Решение од Министерството за економија.

– Доколку сте биле оштетени од некој од наведените даватели на финансиски услуги, преку оваа онлајн алатка можете својот проблем да го пријавите до Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ), а ние ќе се обидеме да го решиме по институционален пат – објаснуваат од ОПМ.