Според презентираните податоци, државата за да ја покрие пензиската дупка во 2022 година префрлила околу 530 милиони евра. Ако пак се земе предвид Завршаната сметка за 2022 година според која вкупните расходи во Буџетот биле 4,5 милијарди евра, тогаш математиката покажува дека околу 12 отсто се отидени за крпење на пензиската дупка.
Државните ревизори кои под лупа го ставија Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се загрижени од буџетската дупка што ја има во Фондот. Разликата меѓу приходот од наплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување од вработените, и тоа што како пензии и здравствен придонес за пензионерите мора да се плати е 33,58 отсто, или за една третина од неопходниот износ нема пари па мора да се покрива со директен трансфер од Буџетот.
„Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, истите се покриваат со одвојување на средства од Буџетот и учествуваат со 33,58% во вкупните приходи на Фондот“, соопшти Државниот завод за ревизија.
Според презентираните податоци, државата за да ја покрие пензиската дупка во 2022 година префрлила околу 530 милиони евра. Ако пак се земе предвид Завршаната сметка за 2022 година според која вкупните расходи во Буџетот биле 4,5 милијарди евра, тогаш математиката покажува дека околу 12 отсто се отидени за крпење на пензиската дупка.
Податоците што ги презентираа ревизорите се дека изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2022 година се зголемени за 11,63 проценти во однос на претходната 2021 година и во 2022 година изнесуваат 54,9 милијарди денари, или околу 890 милиони евра, што претставува учество од 64,5 проценти од вкупно остварените приходи. Расходите пак, за социјалните бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2022 година изнесуваат 87,6 милијарди денари, или околу 1,4 милијарди евра за вкупно 335.743 корисници на пензиски примања. Овој износ заклучно со декември 2022 година исплатите е за 9,8% повисок во однос на 2021 година.
Ако пак се гледа како процент, лани сме имале најмало учество на државни пари во покривање на потребите за исплати на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во последните 10 година најголемиот трансфер е забележан во 2018 година и бил 42,7 проценти.
Ревизијата го истакнува влијанието на неповолната демографска структура на населението во РСМ кои беа потврдени со спроведениот Попис на населението, како и влијанието на тековните инфлаторни движења со кои е зафатена земјата и светот и нивното влијание врз работењето на Фондот со оглед на законската обврска да се изврши усогласување на висината на пензиските примања со индексот на трошоци на животот и порастот на платите.
„Како резултат на наведеното се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот“, пишува во соопштението на Државниот завод за ревизија.