Европската комисија отвори истрага против Словенија поради сомневање дека ја санирала Нова Љубљанска банка (НЛБ) спротивно на правилата и преземените обврски од Унијата. Освен тоа, Словенија е под истрага бидејќи, спротивно од договорот со Брисел, се откажала од продажба на банката, пишува „Јутарњи Лист“.
Рокот за продажба на 50 отсто од НЛБ истече на 31 декември лани. Освен тоа, Словенија до овој датум не предложила претставник за продажба на странските друштва- ќерки на НЛБ на Балканот, наведува ЕК.
Комисијата ќе ја процесуира Словенија за кршење на одредбите од договорот со ЕУ за државна помош.
Во одлуката за истрага се укажува на подршката која словенечката влада ја давала на банката, за која Брисел се сомнева дека е спротивно на правилата на Унијата, а чија вкупна вредност е 1,6 милијарди евра.
Ако Словенија биде прогласена за виновна, тогаш НЛБ би морала да ги врати примените пари, што би ја довела во прашање нејзината ликвидност.
Словенечкиот весник, Финансе“ по повод отворање на истрагата на ЕК против Словенија го разгледува сценариото, според кое, Комисијата би можела да и нареди на Љубљана да продаде и над 50 отсто од капиталот на НЛБ.
ЕК уште пред неколку години оцени дека санациските одлуки на словенечката Влада кон НЛБ се облик на државна подршка, но не ги доведуваше во прашање бидејќи Словенија ја оправдувала потребата од санација на банката со нејзината важност за националното стопанство.