Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој со одреден напредок постигнат во подготовката на акцискиот план 2021-2027 во Националната стратегија за овие сектори. Во заклучоците во извештајот на Европската комисија се наведува и дека некои претходни препораки не се целосно имплементирани и остануваат и натаму да важат.
Во наредната година, според извештајот на Европската комисија, е потребно да се направи префрлувањето на Регистарот на фарми и Системот за идентификација на земјишни парцели во Платежната агенција. Да се усвои законската рамка за понатамошното усогласување на субвенциите, заедничкото управување со пазарите и советодавните услуги на фармите.
Постигнат е добар напредок во искористувањето на ЕУ средствата од ИПАРД 2, но нема значаен исчекор во усогласувањето на националните политики за рурален развој со европските.
Што се однесува на органското земјоделство, законодавството, надлежните органи, контролните тела, сертификацискиот и системот за акредитации, тие се воспоставени и функционални. Новиот закон за органско производство е во согласност со европскиот и треба да биде усвоен.
Европската комисија смета дека треба да се направи повеќе за да се интензивираат активностите за подобрување на мониторингот и контролата на органското сертифицирање и следењето на движењето на органските производи. Потребно е да се направи напор и за поголем развој на секторот со искористување на можностите од ИПАРД 3 Програмата.