Механизацијата го распарчи асфалтот. Дефекти има од различни размери, а екипите на скопски „Водовод“ со машините и возилата и денес како и секој ден – во трка со времето да стигнат навреме, на секој повик.

По санацијата, вода веќе нема да протекува на улицата, а камионот ќе ја однесе натоварената земја. Ќе остане само неизвесноста, дали екипите на ова градско претпријатие ќе продолжат да поправаат дефекти или ќе влезат во штрајк. Од Град Скопје молчат, иако денес истекува крајниот рок кој го поставија синдикатите. Од ССМ бараат средба со градоначалничката, но не се знае дали ќе добијат повик. Од Владата се нудат на помош преку медијација.

„Доколку Сојузот на синдикати достави барање за медијација, секако дека ќе постапиме согласно Законот и ќе одредиме медијатор којшто ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација, за да може штрајкот да биде ставен во мирување сè додека не се изнајде решение“, изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Ако влезат во штрајк, тоа ќе значи дека машините ќе бидат во мирување, а работниците наместо на лице место каде што пукнале цевки или протекува вода – пред пункт од каде што тргнуваат на работа.

„Во главниот град постојано има потреба од вакви рутински интервенции или поправка на дефекти. Работниците од „Водовод“ додека се овде и работат на овој случај, добиваат повици да се јават на друга локација во Скопје.“

Синдикалците од „Водовод и канализација“ се јасни во своите барања. Сакаат разрешување на актуелниот директор Митовски, кој на позицијата е само месец и половина. Него го постави градоначалничката Арсовска. Претседателот на ССМ, Димовски, тврди дека директорот го следат контроверзи па дури бил и во затвор за сериозни дела, но и покрај тоа сега е назначен на позицијата и со закани и уцени раководи со ова јавно градско претпријатие.