Годинава што измина економските експерти ја оценија како подобра од минатата, но со недоволен економски раст за да фатиме чекор со развиените земји. Позитивно е што инфлацијата се стабилизира, се зголеми куповната моќ на граѓаните, каматните стапки почнаа да се намалуваат… Сепак, слабостите во економијата кој не чинат побрз економски развој, а на кои оваа Влада треба повеќе да поработи во наредната година се капиталните инвестиции, недостигот на стручен кадар, сивата економија, намалување на високиот јавен долг, зголемување на извозот…
Економските експерти за весникот ВЕЧЕР анализираат дека за повисок раст, од над 3 отсто во 2025 година потребни се покрупни промени, сериозна индустриска политика во сектори кои ќе бидат столбот на економијата во наредниот период, како и стратегија за нивен развој и поддршка со конкретни мерки. Краткорочните мерки како ограничувања на цените и фискалните стимули покажаа дека се само привремено решение, додека долгорочните стратегии за економски развој и модернизација останаа недоволно разработени. Сметаат дека борбата со сивата економија мора да продолжи, а добро е што Владата е свесна дека таму лежат огромни средства кои можеме да ги искористиме за реформи и побрз економски раст, затоа што можностите за идни задолжувања однадвор се намалуваат. Имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа земјата, регионот и светот, нема основа дека во наредната година може да се оствари повисока стапка на економски раст. Ниту најавените мерки на новата Влада и унгарскиот кредит не влеваат голем оптимизам. За тоа има повеќе надворешни и внатрешни причини, проблемите со кои се соочуваат економиите на државите членки на ЕУ, како Германија и војните во Украина и Палестина.
Бранимир Јовановиќ – професор од Виенскиот институт за меѓународни економски студии – 2024 би ја оценил како една типична година во нашава тридецениска независност за нијанса подобра од претходната, но далеку од она што ни треба за да почнеме да се развиваме и да фаќаме чекор со развиените земји. Економскиот раст ќе достигне околу 2,5 отсто, што е подобро од претходната година кога растот беше околу 2 отсто, но е далеку од оние 4-5 отсто што ни се потребни за да почнеме да се развиваме. Позитивно беше што инфлацијата се стабилизираше на околу 3 отсто, што ја зголеми куповната моќ на луѓето, што беше двигател на растот. Позитивно е и што каматните стапки почнаа да се намалуваат, што може малку да ја заживее економијата и да им го олесни малку животот на оние со кредити. Негативно беше што останатите мотори на економијата, инвестициите и извозот беа мошне слаби, поради што растот остана релативно скромен. Негативно беше и што растот на реалните плати значајно забави во втората половина од годината, што ќе ја забави потрошувачката во наредниот период.
2025 се очекува да биде малку подобра, но сепак слична. Растот се очекува да биде околу 3 отсто, под влијание на подобрената економска состојба во Европа, благодарение на стабилизирањето на инфлацијата и намалувањето на каматните стапки. И инвестициите се очекуваат да бидат малку подобри, но тоа ќе биде неутрализирано од пониската потрошувачка, како резултат на слабеењето на реалните плати. Она што владата може да го направи за да го подржи растот наредната година е да се потруди целосно да ги реализира капиталните инвестиции предвидени со буџетот, од околу 800 милиони евра. Толку државни инвестиции никогаш не биле реализирани во Македонија во една година, и мали се шансите тоа да се случи и сега, но ако успее владата да реализира макар и 90 отсто, ќе биде добро. Другата работа која Владата треба да ја направи е да поттикне раст на платите, преку покачување на минималната плата и платите во јавниот сектор. Ако не дојде до ова, многу бргу ќе дојде до пад на реалната плата (платата коригирана за растот на цените), што ќе ја намали потрошувачката, а со тоа и економската активност. За повисок раст, од преку 4 отсто, потребни се покрупни промени. Потребна е сериозна индустриска политика – државата да избере кои сектори ќе бидат столбот на економијата во наредниот период, да зацрта стратегија за нивен развој, и да ги поддржи со конкретни мерки. За ова, за жал, воопшто не се ни зборува, па затоа мислам дека нема да почнеме да им се приближуваме на развиените земји уште долго време.
Ангел Димитров – бизнисмен и поранешен претседател на Организација на работодавачи на Македонија – Во 2024 година се продолжи борбата со инфлацијата и особено со порастот на цените на прехранбените производи. Растот на цените на енергентите и големите субвенции кои се исплатуваа за време на коронакризата и олабавената монетарна политика за да се забрза економскиот раст во сите земји, па и кај нас предизвикаа значаен раст на инфлацијата. За таа цел се донесе и Законот за нефер трговски практики, кој иако содржи добри решенија, сепак поради одложувањето на неговата примена и недостиг на добри контролни механизми, сè уште не ги дава резултатите. Во економијата, недостигот на стручен кадар се продлабочува и станува еден од главните фактори за малиот економски раст. И во 2024 година се повтори состојбата со лошата реализација на капиталните инвестиции, што исто така оневозможи повисок економски раст. И покрај високите субвенции во земјоделието продолжи падот на земјоделското производство и растот на увозот на храна. Го паметиме неуспешниот тендер за изградба на ревирзибилната хидроелектрана „Чебрен“, која е неопходна за балансирање на македонскиот електроенергетски систем. Во јавноста сè повеќе се говореше за сè поприсутната вештачка интелигенција и се поставуваше прашањето за тоа – дали е потребно нејзино правно регулирање. Војната во Украина продолжи и сè уште преставува ризик како за европската така и за македонската економија. Од друга страна, тука е кризата во Германија, која е наш најголем економски партнер и која силно удри и врз нашата економија. На успешно реализираните избори добивме стабилна Влада, која има политичка стабилност што е услов за добро функционирање.
Во 2025 година главните предизвици ќе бидат, реформите во образованието и човечкиот капитал. Мора да изградиме професионални институции и ефикасна јавна администрација и да ги намалиме бирократските процедури. Впрочем, Нобеловата награда за економија во 2024 година ја добија тројца професори кои докажаа дека економските и политичките институции се основа за побрз економски развој. Борбата со сивата економија мора да продолжи, а добро е што Владата е свесна дека таму лежат огромни средства кои можеме да ги искористиме за реформи и побрз економски раст, затоа што можностите за идни задолжувања од надвор се намалуваат. Владеењето на правото и понатаму е наш приоритет и се надевам дека новата Влада во 2025 година ќе ги оствари најголемите резултати во овој домен во 2025 година. Се надевам дека војната во Украина ќе заврши и европската економија ќе почне да закрепнува, што е многу важно и за нас. Владата ги има сите услови да ги спроведе непопуларните реформи кои се многу важни за нашиот долгорочен развој. Потребно ни е повеќе енергија да трошиме на економијата, наместо на разни партиски или меѓуетнички конфронтации.
Абил Бауш – економски аналитичар и универзитетски професор – 2024 година за економијата на Македонија може да се оцени како година на предизвици и неисполнети потенцијали. Владините мерки, како и амбициозниот буџетски план, покажаа ограничени резултати во стимулирањето на економскиот раст. Од една страна, постоеја одредени позитивни економски сигнали, како зголемени јавни инвестиции и одредена стабилизација на инфлацијата. Од друга страна, структурните проблеми, како високиот јавен долг, недостатокот на капитални инвестиции и недоволното искористување на странските и европските фондови, продолжија да го кочат потенцијалот за економски раст. Дополнително, краткорочните мерки како ограничувања на цените и фискалните стимули покажаа дека се само привремено решение, додека долгорочните стратегии за економски развој и модернизација останаа недоволно разработени.
За да се постигне поголем економски раст во 2025 година, потребно е Владата да го насочи својот фокус кон капитални инвестиции кои носат долгорочни придобивки. Вложувањата во инфраструктура, зелена енергија и дигитална трансформација не само што ќе генерираат нови работни места, туку и значително ќе ја подобрат конкурентноста на македонската економија. Овие капитални проекти треба да бидат внимателно планирани и реализирани, со цел да обезбедат трајна основа за економски развој. Максималното искористување на ЕУ фондовите е уште една клучна насока за раст. Владата мора да ги засили административните капацитети и ефикасноста во подготовка и имплементација на проекти кофинансирани од ЕУ. Истовремено, поддршката за иновации и претприемништво е клучна за стимулирање на приватниот сектор, особено преку платформи како INNOX, кои создаваат можности за старт-ап компании и развој на еко-иновации и дигитални решенија. Дополнително, стратегиските реформи во образованието и пазарот на трудот се неопходни за усогласување со потребите на модерната економија. Инвестициите во стручна обука, дигитални вештини и енергетска транзиција, со премин кон обновливи извори на енергија, ќе ја намалат зависноста од увоз на енергенси и ќе отворат потенцијали за извоз. Сите овие мерки, спроведени со фискална дисциплина и внимателно управување со јавниот долг, ќе обезбедат одржлив економски раст во 2025 година. Фокусот треба да биде на структурни реформи, модернизација на економијата и создавање на услови за долгорочен економски раст. Ако Владата успее да ги премости краткорочните економски слабости и да обезбеди стратегиски насоки кон одржлив раст, 2025 година може да биде пресвртна точка за македонската економија.
Синиша Пекевски, економски аналитичар – Генерално на економски план 2024 година не би ја оценил добро и покрај странските инвестиции кои ќе достигнат околу една милијарда долари. Стандардот сè повеќе паѓа и јазот помеѓу богатите и сиромашните сè повеќе се зголемува. Цените несразмерно растат со цените на суровините и реагенсите и ако направиме споредба со цените на храната во развиените држави ќе видиме дека ние плаќаме најскапа храна. Во однос на 2025 година, не очекувам некоја драстична промена, освен ако не се фокусираме кон привлекување на високо технолошки компании и инвестиции во стартап компании кои целниот пазар им е странскиот пазар. Дефинитивно на чело на економскиот тим треба да се постават вистински менаџери со реално искуство и визија, а не партиски членови. Фокусот на економијата треба да биде инвестиција во нови развојни и технолошки компании и инвестиции во модернизација во земјоделството, само така ќе се придвижиме напред. Очекуваниот раст од 3 отсто е оптимистички заради изборната година, но возможен доколку конфликтот во Украина запре и го искористиме моментот за влез на тој пазар.
Јован Пејковски, универзитетски професор и економски аналитичар – Во годината што заминува се случија бројни настани кои влијаеја на економските и општествените процеси. Контракциите во домашната економија, а особено влијанието на неповолните екстерни фактори, како и отсуство на мерки и политики за стабилизација придонесоа првата половина од годината да се остварат неповолни резултати. Инфлацијата, растот на цените, смалената куповна моќ ги притискаше граѓаните да ги ограничуваат скудните средства и можности. Растот економијата не ги постигна очекувањата. Во средината на годината изборите донесоа сериозни промени. Дојде до израз незадоволството на граѓаните од претходната власт и се искажа силната волја на граѓаните за длабоки промени и за подобар животен стандард. Заедно со економските проблеми и со непланираните буџетски расходи новата влада во втората половина од годината наследи системски и економски проблеми со кои мораше да се соочи и да ги решава веднаш но и на долг рок. Со стабилизација и консолидација на финансиите, што се случи во втората половина од годината, се поставува основата за натамошно движење во развојна насока и насочување на енергијата на стопанството и граѓаните кон зголемени перформанси.
Што може да се очекува во новата 2025 година е прашање, кое често се поставува во многу средини. Основа на сè е зголемувањето на инвестициите и очекувањата за реален раст на економијата. Со консолидација на приходите и расходите и со намалување на стапката на инфлацијата економските перспективи за наредната година стануваат реални и извесни. Предвидувањата за забрзувањето на економскиот раст базираат на реални претпоставки и се поврзани со водење на прудентна макроекономска и монетарна политика за што се изјаснија извршната и монетарната власт. Со зголемен обем на инвестиции за што се обезбедени средства особено во реалниот сектор и во инфраструктурата и со зголемување на вработеноста реално е да се очекуваат динамични стапки на раст на бруто-домашниот производ. Растот на производството, на продуктивноста и со строги фискални правила кои ќе ги почитуваат сите се овозможува користење на потенцијалите на економијата. Треба да се има предвид дека сè уште се присутни предизвици од типот на сива економија, корупција, недоверба во судството но и од актуелната геополтичка несигурност и долгорочни предизвици кои ја следат економијата во окружувањето и влијаат на македонската економија. За сите овие прашања мора да се дејствува со мерки и политики кои ќе ја поттикнуваат инвестициската и севкупната активност во државата и ќе ја динамизираат економијата. Со посветеност и со високо поставени рационални економски очекувања може да се постигнуваат повисоки стапки на раст на економијата а со тоа и поквалитетно задоволување на потребите на граѓаните и општеството во целина.
Џевдет Хајредини – економски аналитичар и поранешен министер за финансии – Колку и да сакаме или да се обидеме да кажеме нешто посебно или карактеристично за годината што изминува, тешко може да се најде. Македонија повеќе од 30 години остварува само околу 2 отсто просечна стапка на економски раст, која е најниска меѓу земјите во регионот. Инаку, познато е дека пред новата година и при промена на власта слушаме исти оценки и прогнози. Од власта дека наследиле многу лоша состојба и дека во наредната година ќе се оствари забрзан напредок на економијата. Од опозицијата – обратно. Имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа земјата, регионот и светот, нема основа дека во наредната година може да се оствари повисока стапка на економски раст. Ниту најавените мерки на новата Влада и унгарскиот кредит не влеваат голем оптимизам. За тоа има повеќе надворешни и внатрешни причини, проблемите со кои се соочуваат економиите на државите членки на ЕУ, како Германија и војните во Украина и Палестина.
Идната и наредните години државата ќе се соочи со длабока буџетска дупка поради обврските од долготрајната и скапа изградба на Коридорот 8, со коруптивните договори на „Синохидро“ и „Бехтел и Енка“. Поради одамна поминатиот век на траење на РЕК Битола и Осломеј, чести се прекините на производството, за што ќе се јави потреба од увоз на поскапа електрична енергија, a слични реперкусии ќе има и увозот на прехранбените продукти. Стасаните обврски спрема странство, како и досега, ќе се измируваат со нови задолжувања. Скромните средства во буџетот, планирани за јавни инвестиции, како и во минатото, нема да се потрошат. Гломазната јавна администрација, независно од најавената „реформа“, не само што нема да се намали, туку, поради локалните избори, ќе расте.
Извор: Вечер.мк