Декларацијата за општествен консензус за економски реформи во наредните десет години е најдобрата почетна точка за промените, а договорот за соработка меѓу приватниот и јавниот сектор треба да е почеток на процесот што ќе нѐ доведе до европските стандарди, владеењето на правото и пазарната економија.
Да се биде во чекор со настаните несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски потенцијали за да се одговори на барањата и потребите на компаниите. Што значи, подготвени сме заедно со сите носители на економските политики да изградиме просперитетна држава и не се откажуваме од таа цел.
1. Стопанската комора на С. Македонија останува на позициите на кои беше, е и ќе биде, дека е независна, непрофитна и невладина институција, која функционира со една цел – креирање предвидлив амбиент за водење бизнис, поголем профит и отворање нови работни места.
2. Сите бизнис-организации во нашата држава се наши партнери, кои ја остваруваат истата наша цел и соработката со нив ќе се интензивира.
3. Декларацијата за општествен консензус за економски реформи во наредните десет години е најдобрата почетна точка за промените, а договорот за соработка меѓу приватниот и јавниот сектор треба да е почеток на процесот што ќе нѐ одведе до европските стандарди, владеењето на правото и пазарната економија.
4. Управниот одбор на Комората потенцира дека нашите членки редовно ги извршуваат своите финансиски обврски кон државата, и затоа бараат:
А) Истото тоа (редовно плаќање на финансиските обврски) да го прави и државата кон нив и да го преиспита, конечно, нашето децениско барање за промена на членот 218 од Законот за извршување.
Б) Прецизна примена на концептот даночен календар, во кој нема да има промена во даночната регулатива доколку истата таа не е најавена шест месеци пред стапувањето во сила, а со која се воведуваат нови финансиски обврски спрема компаниите.
В) Конечно да се определи рок за да се елиминираат „парафискалните“ давачки.
Г) Прецизна агенда за промена на структурата на буџетот, кој со 47,3 отсто социјални трансфери не дава гаранција за развој.
Д) Целосна имплементација на Стратегијата за извозот 2024-2027 година;
Ѓ) Прецизно утврден рок за реформи во јавната администрација со воведување мораториум на нови вработувања и врзување на нивните плати со растот на БДП.
Е) Радикално скратување на трошоците на буџетот за непродуктивни трошења.
Ж) Стопанската комора бара законска одредба дека на секој економски закон ќе мора да се направи анализа по шест месеци од неговата примена.
Комората повикува на почитување на врвниот принцип на лојалност кон државата, а сите наши членки и поединци се должни да го следат примерот на оние наши претставници што јавно го направија тоа.