Најважниот фокус во моментов за справување со коронавирусот треба да биде финансиската поддршка на здравствениот систем.
За да се превенираат последиците по јавното здравје и да не се случи подраматично влијание и штети во економскиот и финансискиот сектор.
Ова е заклучокот од денешниот состанок на Економскиот совет чие одржување го иницираше премиерот Оливер Спасовски.
Освен претседателот на Владата и неговиот економски тим, на состанокот учествуваа претседателот на МАНУ, Таки Фити, академик Абдулменаф Беџети, советникот во Стопанската комора Зоран Јовановски, поранешните министри за економија Фатмир Бесими и Трајко Славевски, Гордана Димитриеска Кочоска, Никола Поповски, Ванчо Узунов, Светозар Јаневски, Павле Гацов, Борче Треневски, Марјан Петревски, Андреја Јосифовски, Виктор Мизо, Драган Тевдовски, Предраг Трпевски, како и претставниците на стопанските комори Даниела Арсовска, Бранко Азески, Анета Пешева и Неби Хоџа.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Спасовски во завршниот дел од состанокот се заблагодари за укажувањата, насоките и препораките и рече дека Владата ќе биде целосно посветена да ги прифати и примени најсоодветните мерки за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните, како и за условите за одржување на економијата во оваа ситуација.
Економскиот совет е ад-хок тело од кое треба да произлегуваат насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од коронавирусот. Во Економскиот совет учествуваат претставници на МАНУ, на претставници на универзитетските заедници, на деловната заедница, како и претставници стопанските комори и на опозицијата.