Намалување на стапката на сиромаштија, намалување на невработеноста, пораст на платите и пораст на БДП по глава на жител на среден рок се само дел од очекувањата што ги нотира Светска банка во денеска објавениот извештај, а се темелат на политиките што ги спроведува Владата. Ова вечерва го објави министерот за финансии Фатмир Бесими на Фејсбук.
Бесими наведува дека очекувањата се: раст на капиталните инвестиции за 2,5 отсто, раст на платите врз основа на Општиот колективен договор, раст на БДП по глава на жител за 7 отсто, намалување на невработеноста на околу 9 отсто и намалување на стапката на сиромаштија на 20 отсто.
-Реализацијата на капиталните инвестиции, спроведување на реформскиот процес и продолжувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе го забрзаат потенцијалот за раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Економскиот раст ќе забрза на среден рок, кој годинава е под влијание на случувањата, наведува Бесими на Фејсбук.