Повеќе од 50 милиони евра оставиле граѓаните во приватните лаборатории за да направат околу 1,5 милиони тестови за корона од почетокот на пандемијата па до сега. Ова го покажува една груба пресметка, ако се земе просечна цена на ПЦР тестови од 2.800 денари, кои учествуваат со две третини во вкупниот број на тестови, покажуваат податоците за ковид тестирањата во земјава до кои ексклузивно дојде порталот „ПАРИ“.
Имено, на почетокот на пандемијата, ПЦР- тестовите се правеа и по цени од 6.000 денари, потоа најчесто се споменуваше цена од 2.500 денари, за да подоцна, како нова лабораторија, најниски промотивни цени донесе Никоб-лаб од 1.000 денари. Брзите антиген тестови, кои учествуваат со една третина во вкупниот број на направени тестови, беа по пониски цени, некаде околу 1.000 денари во просек.
Пресметка: 1.000.000 ПЦР-тестови X 2.800 денари + 500.000 X 1.000 денари = 3.300.000.000 денари ( 53,6 милиони евра)
МОМЕНТАЛНИ ЦЕНИ НА ТЕСТОВИ ЗА КОРОНА:
ПРИВАТНА ЛАБОРАТОРИЈА | PCR – ТЕСТ | РАПИД АНТИГЕН ТЕСТ |
---|---|---|
Биотек | 2.000 ден | 1.000 ден. |
Никоб Лаб | 1.400 ден | 1.000 ден. |
Авицена | 2.000 ден. | 900 ден. |
Систина | 1.900 ден. | 900 ден. |
Жан Митрев Клиника | 2.200 ден. | 1.500 ден. |
Порталот „Пари“ дојде до ексклузивна статистика во однос на направените ковид-тестови. Податоците покажуваат дека за повеќе од 2 години се направени 2.013.928 тестови за корона. Притоа, само 528.496 теста се направени во државните здравствени институции, 9 резултати се заведени од странски лаборатории, а дури 1.485.423 се направени во приватни лаборатории. Или, изразено во проценти, во државното здравство се направени 26,2 отсто од сите тестирања за корона вирусот, додека дури 73,8 проценти од тестирањата се извршени во приватниот здравствен систем!
ТЕСТИРАЊА ЗА КОРОНА ОД ПОЧЕТОК НА ПАНДЕМИЈАТА
ВКУПЕН БРОЈ НА ТЕСТОВИ | ТЕСТОВИ ВО ЈАВНО ЗДРАВСТВО | % НА ТЕСТОВИ ВО ЈАВНО ЗДРАВСТВО | ТЕСТОВИ ВО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО | % НА ТЕСТОВИ ВО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО |
---|---|---|---|---|
2.013.928 | 528.496 | 26,2% | 1.485.423 | 73,8% |
Од здравствен аспект пак, бројките покажуваат дека од вкупниот број на тестирања (2.013.928), позитивни биле 309.310, односно 15,3 проценти од тестираните граѓани.
Што се однесува до структурата на ковид – тестовите, 1.361.996 се PCR- тестови, а 651.932 се рапид антиген тестови.
Секако, сите тестови не се направени од здравствени причини, дел од нив се и поради протоколите за влез и излез од земјава, како и поради протоколите на другите земји каде што граѓаните патувале.
Каде најмногу имало тестирања во јавното здравство?
Податоците покажуваат дека лидер во јавното здравство во однос на ковид-тестирањата е Институт за јавно здравје – Вирусологија, каде се направени 317.122 тестирања. Всушност, поединечно олку тестови нема направено ниту една приватна лабораторија. На второ место е Центарот за јавно здравје – Битола со 41.039 тестирања, а на трето е ЦЈЗ со 38.599 направени тестови.
ТОП 5 ЈАВНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ ПО ИЗВРШЕНИ КОВИД-ТЕСТОВИ
ЈЗУ | БРОЈ НА ТЕСТОВИ | ПРОЦЕНТУАЛНО УЧЕСТВО ВО СИТЕ НАПРАВЕНИ ТЕСТОВИ (ЈЗУ И ПЗУ) |
---|---|---|
ИЈЗ – Вирусологија | 317.112 | 15,7% |
ЦЈЗ Битола | 41.039 | 2,0% |
ЦЈЗ Скопје | 38.599 | 1,9% |
Институт за микробиологија | 37.041 | 1,8% |
ЦЈЗ Куманово | 17.961 | 0,9% |
„Никоб лаб“ со најмал работен стаж, а ги претрка другите лаборатории
Тестирањата за корона се правеле во 15 јавно здравствени установи, а во 19 приватни лаборатории, со тоа што „Никоб Лаб“ почна со работа од мај минатата година. Но, она што веднаш паѓа во очи е дека оваа нова лабораторија за една година речиси успела да ја стигне по бројот на тестови најдобрата по успех „Биотек“, која таа бројка ја „спечалила“ за повеќе од 2 години. Сите други лаборатории пак, „Никоб лаб“ ги претркала. Ова не е за изненадување, ако се земе во првид фактот што е познат во јавноста, а тоа е дека лабораторијата уште на самиот старт од својата работа настапи со цени пониски од својата конкуренција.
ТОП 5 ПРИВАТНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ ПО ИЗВРШЕНИ КОВИД-ТЕСТОВИ
ПЗУ | БРОЈ НА ТЕСТОВИ | ПРОЦЕНТУАЛНО УЧЕСТВО ВО СИТЕ НАПРАВЕНИ ТЕСТОВИ (ЈЗУ И ПЗУ) |
---|---|---|
Биотек | 149.803 | 7,4% |
Никоб Лаб | 141.721 | 7,0% |
Авицена | 140.850 | 6,9% |
Систина | 99.411 | 4,9% |
Жан Митрев Клиника | 98.747 | 4,9% |