Претседателот на Ел Салвадор вели дека ќе ја направи криптовалутата биткоин законско средство за плаќање во државата.
Доколку неговиот план биде поддржан од Конгресот, оваа централноамериканска држава ќе стане прва во светот што формално ќе ја прифати дигиталната валута.
Биткоинот би се користел заедно со американскиот долар, официјалната валута на Ел Салвадор.
Претседателот Наиб Букеле вели дека биткоинот ќе им олесни на многу Салвадорци да живеат во странство и да испраќаат пари од странство во нивната матична земја.
„На краток рок, тоа ќе создаде работни места и финансиски ќе им помогне на илјадници во странство, надвор од формалната економија“, рече Букеле на конференцијата за биткоин во Флорида, додавајќи дека легализацијата на криптовалутите ќе го зголеми интересот на инвеститорите во државата.
Букеле вели дека нацрт-законот за легализација на крипто-валутите ќе биде испратен до Конгресот следната недела. Ако биде усвоен, овој потег ќе отвори дополнителни финансиски можности за 70 проценти од Салвадорците кои немаат банкарски сметки, рече претседателот.
Економијата на Салвадор се потпира на пари испратени дома од странство, сочинувајќи околу 20 проценти од нивниот БДП.
Повеќе од два милиони Салвадорци живеат надвор од државата, но во исто време одржуваат врски со местото каде што се родени, испраќајќи околу четири милијарди долари годишно.
Тековната состојба е таква што овие трансакции се наплатуваат и потребно е да се чека со денови за да бидат завршени. Понекогаш парите треба да се примаат исклучиво лично, вели Букеле.
„Воведувањето на биткоинот ќе го подобри квалитетот на животот и иднината на милиони луѓе“, посочува тој.
Претседателот на Ел Салвадор не сакал подетално да каже како сè ќе изгледа и ќе функционира.
Биткоинот како криптовалута сè уште нема директна врска со реалната економија, а нејзините големи осцилации се присутни во текот на изминатите години до денес.
Повеќето од светските централни банки ја истражуваат можноста за создавање свои дигитални валути. Во април, Банката на Англија објави дека бара создавање дигитални пари што ќе постојат заедно со парите и банкарските депозити.