Со сѐ поголемата популарност на електричните возила и возилата со нулта емисија на штетни гасови, равенката што ја користи Европската агенција за ефектот врз животната средина се проширува за повеќе параметри. Па така, освен моменталното загадување од издувните гасови на возилата се мери и евидентира и загадувањето што го прави едно возило во текот на својот животен век.
За да се произведат електричните возила на батерии тие загадуваат нешто повеќе во споредба со конвенционалните возила, доколку се земе предвид посложениот технолошки процес и влијанието на батериите врз животната средина.
Нивната супериорност, во однос на конвенционалните возила, е нагласена во однос на емисијата на штетни гасови кои ги произведуваат додека се користат, односно тие што излегуваат од нивните издувни гасови, каде бензинските и дизел-возилата најголемиот дел од загадувањето во текот на својот животен век го прават додека работат. Интересно е дека дизел-возилата имаат мала предност во однос на бензинските возила, особено поради фактот дека имаат поголема енергетска ефикасност, односно трошат помалку гориво од бензинските возила.
Сепак, ваквата почетна предност на електричните возила во текот на нивниот животен век значително се намалува во однос на конвенционалните возила, па дури и се влошува доколку во пресметката се стави и загадувањето што се прави при производството на погонското гориво. Така, најеколошки во текот на својот животен век се електричните возила кои користат струја добиена, единствено, од обновливи извори, но и тие загадуваат и тоа во просек околу 75 грама јаглерод диоксид на еден поминат километар во текот на својот животен век. Потоа следуваат електричните возила кои користат струја добиена од мешани извори – со околу 185 грама јаглерод диоксид на еден поминат километар во текот на својот животен век.
Дизел-возилата емитуваат во просек 210 грама јаглерод диоксид на еден поминат километар во текот на својот животен век, додека нешто повеќе, околу 280 грама јаглерод диоксид на еден поминат километар, имаат бензинските возила.
На крајот на скалата, најлоши со околу 305 грама јаглерод диоксид на еден поминат километар во текот на својот животен век се електричните возила кои се полнат на електрична енергија целосно произведена во термоцентрали на јаглен.