Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, образложувајќи ја завршната сметка за 2018 во Собрание, рече дека поволните економски движења од минатата година продолжиле засилено годинава, па се очекуваат и подобри економски резултати.
Вработеноста ќе продолжи да расте годинава, додека растот на просечната нето-плата се очекува да биде околу 5 проценти, се проекциите на Министерството за финансии.
Елези рече дека во 2018 година бруто-домашниот производ забележал забрзан раст од 2,7%, што е многу блиску до проекцијата на Министерството за финансии од 2,8%.
„За споредба, есенските проекции на другите релевантни институции се движеа меѓу 1,6% и 2,5%. Ова е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеност на Министерството за финансии. Имено, кредибилноста на економските проекции е клучна за кредибилно дизајнирање на буџетот, а со тоа и кредибилно водење на фискалната политика“, рече Елези.
Заменик-министерката посочи дека растот на економската активност во 2018 година е резултат на зголемената потрошувачка и на позитивниот придонес на нето-извозот врз економскиот раст. Таа посочи и дека бројот на вработени во 2018 година се зголемил за 18,4 илјади лица споредено со 2017 година.
За извршувањето на буџетот во 2018, заменик-министерката рече дека реализацијата на приходите биле согласно очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено.
Таа додаде дека финансирањето на буџетскиот дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг во 2018, беше обезбедено преку еврообврзница и поволни кредити и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и државни хартии од вредност. Истовремено отплатени се обврски по основ на главница во износ од 28,12 милијарди денари и 7,699 милијарди денари по основ на каматни плаќања, меѓу кои и PBG 2 заемот од Светска банка од 2013 година од 95 милиони евра.