Емилија Нацевска и Ана Митреска се именувани вицегувернери на Народната банка на Република Македонија. Предлогот на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска Нацевска и Митреска да бидат избрани за вицегувернери во Народната банка на Република Македонија беше поддржан од Собранието на Република Македонија на 18 октомври во рамки на 60. седница. Ден потоа, како што информираат од НБРМ, Нацевска и Митреска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието Талат Џафери.
Од НБРМ наведуаат дека во Собранието се изгласани без ниту еден глас против и воздржан.
– НБРМ изразува задоволство што и овојпат, Собранието на Република Македонија, без ниту еден глас против и без ниту еден воздржан, застана зад определбата високиот професионализам да биде основниот двигател при раководењето, носењето на одлуките и севкупното работење на централната банка. Само таквата, препознаена определба го гарантира континуитетот на успешното водење на монетарната политика и развојот на севкупното централнобанкарско работење во нашата држава, се вели во соопштението.