Таму каде што има можност за парно греење, зградите што ќе се градат задолжително да се приклучат на системот, новите станари, исто така, да мора да се греат на централно греење, но и да имаат калориметри за да може да плаќаат според реалната потрошувачка. Ова се новите работи во градежништвото, за кои се согласуваат и Градежната комора и Регулаторната комисија за енергетика, а кои треба да се најдат во измените и дополнувањата на Законот за градење и во подзаконските акти.
– Откога е донесен Законот за енергетска ефикасност во 2013 година, ние градиме згради со А-енергетска ефикасност, што значи дека станарите треба да трошат многу помалку струја. Намалувањето на потрошувачката на електрична енергија во овие згради, во зима е и до 6 пати, отколку во старите и енергетски неефикасни згради. Но, имаме ситуации кога зградата е приклучена на централното греење, а половина од станарите не се. Така и потрошувачката на електрична енергија е поголема, а од друга страна оние што плаќаат за парно греење на индиректен начин ги греат и оние што не плаќаат – вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при ССК.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека особено е значајно компанијата за испорака на топлинска енергија БЕГ да знае која зграда каков енергенс ќе користи за да може да ја планира потрошувачката и развојот на мрежата.
– Покрај за измените на Законот за градење, зборувавме и за поставувањето на калориметрите. Од наша страна ќе направиме сѐ за да се олеснат постапките и за да се намалат трошоците за градењето на топловодната и гасоводната мрежа, како и за приклучокот – рече Бислимоски.
Во однос на поставувањето на калориметрите, Јакимовски вели дека тие прво ќе паднат на товар на инвеститорот, но потоа тоа ќе си го плати купувачот.
Предлогот за измените и дополнувањата на Законот за градење е доставен во Министерството за транспорт во април.