Јапонскиот јен падна на најниско ниво во последните 34 години. Само во последните три години јапонската валута загуби речиси 50 отсто од својата вредност, објави Дојче веле, пренесува „Сега.бг.њус“.

„Тоа се димензии кои немаат аналог на глобално ниво“, коментира за AРД Мориц Кремер, главен економист во „Ландесбанк Баден-Виртенберг“.„Ова е невидена девалвација на јенот, што дури го засенува Брегзит“, додава експертот.

Причините се вкоренети во каматната политика на централните банки. Особено онаа во САД, каде што каматните стапки се високи, а нивното очекувано намалување досега никогаш не се оствари. Спротивно на тоа, Банката на Јапонија неочекувано ги зголеми каматните стапки само еднаш во 17 години.

„Зголемувањето на каматните стапки од страна на Банката на Јапонија требаше да ја намали разликата во каматните стапки и да го зголеми интересот за јенот, но се случи спротивното“, рече Кремер.

Наместо тоа, капиталот на инвеститорите продолжува да тече во САД. И јапонската економија се соочува со голем број тешкотии – низок раст, недостиг на работна сила, инфлација и ограничена потрошувачка. Сепак, јапонската берза забележува рекорд по рекорд. Бумот на вештачката интелигенција, но и поволниот јен го овозможуваат тоа. Во меѓувреме, намалувањето на вредноста на јенот позитивно се одрази и на туризмот, кој исто така постави рекорди. За многу туристи земјата станува попристапна.

Во 2023 година Јапонија ја посетиле 25 милиони туристи, што е огромен скок во споредба со 2022 година, кога три милиони ја посетиле Земјата на изгрејсонцето, забележува „Ел Паис“. Годинава се очекува странските посетители да достигнат 33 милиони, што ќе постави нов рекорд по 32-те милиони што ја посетија Јапонија во 2019 година.

Владата сака да ја претвори земјата во водечка туристичка дестинација, која ќе пречека до 60 милиони луѓе до 2060 година.