Претставници на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ рано изутринава постигнаа договор околу текстот на Предлог-регулативата за спречување на загадувањето со микропластика, која треба да обезбеди заштита на животната средина, но и да и овозможи на европската индустрија да продолжи да работи одржливо.
Предлагачот на регулативата, Европската комисија, го поздрави договорот, посочувајќи дека тој ќе овозможи да се намалат загубите на пластични маси при секојдневните работни процеси или при транспортот, кои завршуваат во животната средина, вклучително и во морињата.
– Новите правила се очекува да ги намалат загубите на пластични суровини до 74 отсто, што ќе помогне да се зачуваат екосистемите и биолошкиот диверзитет, да се намалат ризиците по здравјето на луѓето и да се подобри репутацијата на секторот. Ова, од друга страна, ќе им користи на економските актери во повеќе сектори, како на пример во земјоделството, аквакултурата и туризмот, соопшти ЕК.
Според анализите, пластиката ги контаминира водата и почвата, вклучително и земјоделските површини, и им нанесува штети на екосистемите и на биодиверзитетот, предизвикувајќи физички оштетувања или угинување на морските и крајбрежните видови, како што се морските желки, морските птици и школките.
– Микропластиката е отпорна, подвижна и исклучително тешка и скапа за отстранување од природата. Таа се наоѓаат низ целиот свет, дури и на оддалечени локации, но и во човечкото тело, што предизвикува сериозна загриженост за нејзиното влијание врз здравјето на луѓето, наведува Еврокомисијата.
Во морињата и океаните сме фрлиле над 150 милиони тони пластика. Ова се податоци што предизвикуваат шок, но и страв и загриженост за последиците по екосистемот на кои сме сведоци во последнит
Според неа, премногу често товарот за справување со микопластиката паѓа на локалните заедници, па затоа сега со оваа регулатива економските оператори и превозниците ќе мора да применуваат нови мерки за спречување на загадувањето со пластични маси.
Мерките, меѓу другото, предвидуваат користење на квалитетна амбалажа, која нема да протекува или просејува, на садови за излевање, како и на правосмукалки за чистење со доволен капацитет. За микро и малите претпријатија се предвидени делумни отстапки од овие мерки, имајќи го предвид нивното учество во синџирот на снабдување.
Целта е намалување на загадувањето со пластични маси, ограничување на употребата на производи со намерно додадена микропластика и намалување на ненамерното ослободување на микропластика во природата, кое со Акцискиот план за нулто ниво на загадување, до 2030 година треба да се намали за 30 отсто во однос на сегашното ниво.
– Ова ќе ја зголеми одговорноста и ќе ја подигне свеста за влијанието на различните практики врз животната средина и здравјето на луѓето, додава Еврокомисијата.
Сега, постигнатиот договор треба и да го одобрат Европскиот парламент и Советот на ЕУ, со што новата регулатива ќе биде и формално усвоена.